Здружението за поддршка и развој на книжевноста и други уметности „Креативна верига“ од Охрид, го издаде првиот број од своето електронско списание за литература, култура и уметност, „(е)Лит“. Се работи за електронско списание кое може да се спушти на следниот линк: (e)Lit.pdf или да се прочита на платформата ISSUU .
Главен и одговорен уредник на списанието е Јордан Коцески, додека уредници се Мерсиха Исмајлоска и Марина Шокева Икономова. Лектурата е на Гордана Балеска Трифуноска, дизајнот на логото на Јане Бакрески. Уште со првиот број, меѓу останатото списанието го покажа својот децентрализирачки карактер, со што обедини автори од цела Македонија. Во текот на оваа година ќе излезат два редовни броја од списанието и еден специјален. Специјалниот број ќе биде со отворен повик на зададена тема, која ќе биде објавена наскоро.
Онлајн промоцијата на истото беше на 6 февруари во чест на ловороносецот Григор Прличев. Списанието објавува поезија, проза,рубрики за фотографии, филм, ликовна уметност, книжевни осврти, интервјуа, стрип и слично.
Од прозните дела застапени се раскази на – Лидија Стефаноска, Жарко Кујунџиски, Маја Мојсова, Живко Грозданоски, Јордан Коцевски и Гордана Балеска Трифуноска.
Што се однесува до поезијата, објавени се песни на Тоде Илиевски, Лулзим Хазири, Снежана Стојчевска, Митко Гогов, Милчо Мисоски, Сандра Авросиевска, Ален Нанов, Марина Шокева, Пере Ристески, Дамјана Видическа
Во рубриките „ЧЕТКА ЧЕТКА ЧЕТКИЧКА“, се среќаваме со цртежите на ликовниот уметник Јане Бакревски ексклузивно изработени за првиот број; Лидија Стефаноска со своите фотографии ни прави прошетка низ Охрид и околината во рубриката „Разгледница“; Маја Мојсова нè запознава со творештвото на Габриела Стојаноска Станосека во рубриката „Портрет“.
Димитар Димоски ќе проба да даде одговор на прашањето дали сценарието на „Chinatown“ е најдоброто сценарио некогаш напишано во рубриката „Филмско и тв сценарио“; додека во рубриката „Авторот и градот“ Мерсиха Исмајлоска не шета низ Истанбул преку творештвото на Орхан Памук, а потоа преку „Прустов прашалник“ нè запознава со Тоде Илиевски.
Јордан Коцевски во „Интервју“ со Јулијана Величковска разговара за издаваштвото во Македонија. Со колумните на Гордана Балеска Трифуноска „Запознај се себе си“, и на Јордан Коцевски „За пишувањето“- Совети од Нил Гејман можеме да се забавуваме и да добиеме некои интересни и корисни совети.
Исто така имаме можност да уживаме во стрипот „The Hunt“ илустриран од Игор Јовчевски, а напишан од Јордан Коцевски.