Деновиве, од печат излезе стихозбирката „Ерато“ од Дерин Рис-Џоунс во издание на ПНВ Публикации, a во препев на Јулијана Величковска. Изданието е поместено во рамки на едицијата „Гравири“.
Стихозбирката „Ерато“, насловена според името на музата на лирската поезија, говори за тоа како ги поимаме и како пишуваме за убавината и за ужасите на светот. Во документарен стил со автобиографска нарација, книгата содржи лирски фрагменти, сонети, и поетски секвенци подредени на истиот начин на кој се случуваат и репетициите во умот како последица од траума, истражувајќи ги, притоа, грешките и бришењата на меморијата. Ова е книга полна пламења и лузни, пејзажи и животни, што во срцето носи копнеж за трансформативната музика што лежи некаде под зборовите и желбата да си го разбереме телото што го населуваме кога љубиме.
За оваа стихозбирка што беше во потесен избор за наградите „Книга на годината“ во Велс и „Т.С. Елиот“ во 2019 г., a доби и специјална пофалба од Poetry Book Society, се вели:
„Дерин Рис-Џоунс ни покажува дека ако е во вистински раце, лириката може да биде најострото, најсуптилното и најразорното оружје што го поседуваме.“ ― Саша Дагдејл.
„Еве го поетот како рапсод, отворен канал за вртоглаво преклопување на потоците од тага, копнеж, збунетост, стравопочит и гнев.“ ― Џош Коен.
Дерин Рис-Џоунс е велшка поетеса, критичарка и уредничка на „Павилјон поезија“, издание на Liverpool University Press. Уредува и антологии, објавува научни текстови, книги есеи, а автор е и на монографијата „Керол Ен Дафи“ (2001). Често соработува и во други уметнички и филмски проекти. Ги има освоено наградите „Ерик Грегори“ во 1993 г. и наградата за писатели од Советот за уметности во Англија во 1996 г. Дерин Рис-Џоунс е професор по поезија на Универзитетот во Ливерпул, каде што го коменаџира и Центарот за ново и интернационално пишување.
***
Бувот маж
Оти така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа
на Бога и им се покоруваа на нивните бувови мажи.
Петар, 3.5
Возевме до шумата. Само шетач на кучиња, повремено,
душкаше по аглите на светот.
Ме повлече надолу: кал, прекривка од лисја,
сенка што како пердув се движи и ладовина. Треперев ли пред лицето на клунот
и крилјата?
Дозволи ми одново да почнам. Ме зеде за рака.
Се видов себеси во пламен,
лицето ми поцрне како покров од пчели.
Погледни нагоре, реков, небото се распрснува низ зимзелените дрвја.
Ти ме веднеше полека, тогаш, преку паднато стебло.
Бевме грешка целите, лизгање. Бевме песна и пеење,
труп што гори. Или тоа беше светлината, тие меки експлозии,
што нѐ оддуваа, нота во ветрето.
Се сеќаваш ли? Како
оној був маж во Пасамакводи, капутот ти беше мечкина кожа
на младата влажна трева, зелениот прав од лишаите на кората од дрвјата,
шумски пожар,
ми ги валкаше образите, дланките.
***
Erratum
Петар, 3.5
Возевме до шумата. Само шетач, повремено, душкаше по аглите на светот. Ме повлече надолу: кал, прекривка од лисја, подвижна сенка и ладовина.
Дозволи ми одново да почнам. Ме зеде за рака и се согласивме. Ќе одевме долго до запалениот честак. Се видов себеси во пламен, лицето ми поцрне како покров од пчели. Погледни нагоре, реков, небото се распрснува низ зимзелените дрвја. Ти ме веднеше полека, тогаш, преку паднато стебло. Бевме грешка целите,
лизгање. Ти беше песна и нејзиното пеење. Бевме запален труп. Или тоа беше светлината, тие меки експлозии, што нѐ отвораа, нота во ветре. Се сеќаваш ли? Капутот ти беше мечкина кожа врз младата влажна трева. Мислев на Блодеуед и нејзиното лице од цвеќе. Се сетив на тишината што никогаш не беше тишина, шумите се приближуваа кон нас, зелениот прав од лишаите на кората од дрвјата, ми ги валкаше образите, усните, рацете, колената.
***
Ноќна ластовица
Слушни ја ноќната ластовица, слушни го нејзиниот набожен трепет —
ѕвездено легло, ноќен фрагмент, провирање низ ’рбет од трева.
Позицијата на звукот ја електризира пустелијата,
ја отвора темнината. Иако сега е мртва,
или, сѐ на сѐ, во тишина, ја нема
како дух од брод што се издигнува, можеш да ја слушнеш.
Нејзиниот глас е и во тебе
и околу тебе. Те оттурнува,
те замолува да останеш блиску.
Во тишината, остави ги остатоците од звукот, во сиров тон,
како молец, дупчи го самракот. Пронајди го местото
што таа го наоѓа во тебе, нејзините штракачки тонови, нејзините љубовни талкања:
дозволи ѝ да си направи место, крај тебе — таму
сега, таму — блиску до твоето срце.