Close Sidebar close
nomads.mk
  • Home
  • ЛУЃЕ
    • ПРЕТСТАВУВАЊЕ
    • ИНТЕРВЈУ
  • СЛУЧУВАЊА
  • АРТ
    • УМЕТНОСТ
    • ЛИТЕРАТУРА
    • ФИЛМ
    • ФОТОГРАФИЈА
    • ДИЗАЈН
    • МУЗИКА
  • LIFESTYLE
    • LIFESTYLE
    • ВИНО
    • ГАСТРО
    • ЗДРАВ ЖИВОТ
    • АКТИВИЗАМ
    • ПАТУВАЊЕ
  • КОНТАКТ

Subscribe & Follow

2017 ©NOMADS - All Rights Reserved.

  • Home
  • ЛУЃЕ
    • ПРЕТСТАВУВАЊЕ
    • ИНТЕРВЈУ
  • СЛУЧУВАЊА
  • АРТ
    • УМЕТНОСТ
    • ЛИТЕРАТУРА
    • ФИЛМ
    • ФОТОГРАФИЈА
    • ДИЗАЈН
    • МУЗИКА
  • LIFESTYLE
    • LIFESTYLE
    • ВИНО
    • ГАСТРО
    • ЗДРАВ ЖИВОТ
    • АКТИВИЗАМ
    • ПАТУВАЊЕ
  • КОНТАКТ
nomads.mk
nomads.mk
    Литература

    NOMADS рецензија: „Ќе фатит бран” – нова поетска книга на Долорес Атанасова-Лори

    January 15, 2021

    Неодамна од печат излезе најновата, четврта по ред, поетска книга од поетесата Долорес Атанасова-Лори, со впечатлив наслов „Ќе фатит бран” во издание на Галикул. Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е актуелниот лауреат на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година и токму поради тоа книгата е под покровителство на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

    Наградата, како што соопшти Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“, се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на неговиот основоположник и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945–2015). „Станува збор за инворедна книга за која сме сигурни дека ќе предизвика посебно внимание кај публиката. Со оваа книга сакаме да ја испочитуваме и заложбата на нашиот татко и да дадеме понатамошен поттик да се создава суштинска, бескомпромисна поезија“, истакнуваат Данче и Јане Чаловски од „Галикул“.

    Наградата „Тодор Чаловски“ има за цел да даде придонес во континуираното унапредување на современата македонска поезија и збогатувањето на македонската современа култура и, воедно, да ја промовира наградата „Тодор Чаловски“. Досегашни лауреати на Наградата „Тодор Чаловски“ се Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Биљана Стојановска (2017/2018). Реализацијата на издавачката програма на ГАЛИКУЛ и традиционалната манифестација „Галичка книжевна колонија“ се поддржани од Министерството за култура на РС Македонија и Месната заедница „Галичник”.

    Рецензијата за оваа книга, со наслов „Храм на стварноста изграден на меридијан наречен „помеѓу” “, ја напиша поетесата Биљана Стојановска и во оваа прилика ви ја пренесуваме во целост:

    „Самиот наслов „Ќе фатит бран“ упатува за каква авторка станува збор. Авторка што ненаметливо настапува на книжевната сцена и не сака по секоја цена да се допадне секому. Со охридскиот дијалект во насловот Долорес Атанасова-Лори храбро ѝ пркоси на стандардната јазична форма и „ризикува“ да создаде отпор кај таканаречената книжевна елитистичка публика (која во суштина и не постои).

    Мотивот на бранот, кој се провлекува низ целата книга, колку и да звучи апокалиптично и да навестува големи краеви, уништувања, масовни и лични хистерии и нови себепронаоѓања, во суштина алудира на новите создавања, на новите светови и реалности со кои (не) мораме да живееме.

    Езерото, и водата, генерално, како мотив често се дел од нејзината поетика.

    „Одам и се враќам/ бесконечно многу пати,/ врзана за езерото/ со невидливиот конец/ на мојата љубов за сѐ“, вели во една од песните Атанасова. Водата како симбол што може да прочистува, но и да уништува, се насетува дури и во оние песни во кои не е спомената. Со својата разурнувачка моќ, водата кај Атанасова симболизира лек, смиреност, но не и помиреност. „Доаѓа голем,/ син ѕид од:/ Не може да ми е/ помалку гајле за смртта/ сега, овде“, вели Д. А. Лори.

    Трилогијата за ветровите, пак, е директна инспирација од охридските ветрови. Белчник, Сточен и Мрачник се ветрови полни со семантичко значење, кои генерално умешно ги познаваат само повозрасните жители на Охрид. Етимологијата на ветровите е длабоко вкоренета во генетскиот код на поетиката на Д. А. Лори. На моменти се чини дека таа со ветрот под рака* ги пишува своите стихови, додека јава на бранот на своето (не)свесно.

    „Доаѓа во бранови, а не прави бран./ Старите, кои се родиле и, ако имаат среќа,/ еден ден ќе умрат со езерото в очи,/ го носат под кожа и в коски“, се стихови во кои мотивите за водата и ветрот одат рака под рака. Повторно фасцинираноста од моќта на езерото, покрај кое е убаво и да се умре.

    Неколкуте навидум ангажирани песни во оваа збирка, како што се „Нотр Дам гори“ и „Детето од Алепо“, иако се голема критика за општествените случувања во светот, во суштина се длабоко емпатични лирики во кои ѝ се мава шлаканица на неправдата, па од нив читателот не може, а да не биде длабоко трогнат и да не се чувствува поврзан и допрен од туѓите неправди, како да се свои.

    Атанасова е длабоко поврзана со сеќавањата, со домот, со она што било. Постојано осознавајќи ги своите корени, трагајќи по она што ја изградило како човек, таа во постојана прегратка ги држи драгоцените сеќавања, зашто човек не може да знае што е, ако не знае што бил.

    Во збирката има и едно „прекршување“ на нормата, па среде поезија се јавува и обраќање на авторката, во подолга наративна форма. Расказот, кој на моменти има фантастична нишка, облагородена со црна комика, исто така зборува за домот, за сеќавањата, но и за светот што нè опкружува, независно дали ни се допаѓа или не. Желбата да се промени светот на подобро, да се биде џин во светот на малите луѓе, е немилосрдно тешка задача, која знае да вознемири и да тежи. Да се носи и туѓото бреме на плешките е подносливо само кога почвата на која ни стојат нозете е цврста, а цврста е само кога знаеме кои сме. Токму затоа лирскиот субјект (односно нараторот во случајов) не се откажува од светот, ами си помага со тоа што се свртува кон себеси, воведувајќи првин ред во себе, за потоа полесно да може да воведе ред во туѓиот свет.

    „Кога ве нема/ вие сте поларна мечка среде пустина,/ дете без сон и двор без сенка,/ сеќавање сте што цврсто го стегам,/ не го пуштам“, вели во својата песна „Ги сонувам мртвите“.

    Сонот, исто така, има моќно влијание врз нејзината поезија. Ониролошките симболики се генеза на потсвеста, што Атанасова сосема лесно ја транскрибира во свест и прави меридијан на она што се нарекува „помеѓу“.

    Од допирот со природата, преку социјалните неправди, па сè до урбани стихови, сè има во стиховите на Атанасова, што е своевиден доказ дека свеста е на мошне високо ниво, оти постоењето е составено од сè што нè опкружува, светот не е затворен систем, туку цикличен, комплексен, но и наједноставен за восприемање ако имаш очи ширум отворени, каков што е светогледот во оваа збирка.

    Конзистентост на мислата, остар поглед на светот, без кокетирање и без шминкање на стварноста, се одлика на поетиката на Атанасова. Читателот што ја сака бруталната вистина стиховите на Д. А. Лори нема да го остават рамнодушни. Од суровите отсечки на реалноста, до чистиот, но не и наивен пристап на сето она што ја опкружува, Атанасова гради храм на стварноста, која ни малку не е лесна за поетско врамување. Едноставноста со која пишува Д. А. Лори не се должи само на краток „поетски занес“, туку на смислена и компактна поетска визија.

    Додека се читаат стиховите на Атанасова, читателот јава на бран, кој може да направи цунами, но може да ѝ донесе на душата и топло лето.“

    ­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­*„Со ветрот под рака“ е втората книга на Д. А. Лори, објавена во 2016 година во издание на „Антолог“.

    Д. А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е родена на 1974 г. во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа со семејството се сели во Охрид, каде што го поминува остатокот од детството и средношколските денови. Во 1993 се сели во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее во Скопје, каде што работи како професор по англиски јазик.  Песните на Д. А. Лори за првпат се објавени во „Букбокс“, по што следува соработка со издавачката куќа „Блесок“, за која, во 2014, ја издава својата прва збирка поезија, насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог“. По пауза од три години, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“ и е-книгата „Поетискон“, како и на страната на „Словокулт“, онлајн-магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д. А. Лори исто така е објавена и во монографијата на „Асталните проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“. Во 2020 беше во првите пет номинирани за наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува за најдобра книга од едни до следни Струшки вечери на поезијата. Долорес Атанасова-Лори е добитник на интернационалната награда на „Антево слово“, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија“. Досега е преведена на германски, англиски, српски, хрватски и шпански.

    NOMADS рецензијаГаликулДолорес Атанасова-Лорипоезија
    • Македонски музички изданија на листa за најдобри албуми во регионот

    • NOMADS поезија: Наида Мујкиќ

    You Might Also Like

    Сарџоска објави поетска книга во САД

    June 18, 2019

    NOMADS поезија: Сега е најдолгото никогаш

    April 21, 2018

    Промоција на новелата Mарика и стравот од Емилија Славковска

    October 30, 2018

Рубрики

Најново

  • Протестен марш на иницијативата „Култура или фискултура“

    March 4, 2021
  • МСУ со отворен повик до сите млади уметници за престојното 13. Биенале на млади уметници

    March 3, 2021
  • Протестен марш за ослободување од режимските културни политики

    March 1, 2021
  • Распределени 11 милиони евра за проекти од културата

    February 25, 2021
  • Стручен уметнички директор и секторски раководители за Струмичкиот културен центар

    February 23, 2021
  • Сагата во НУ Културен центар „Антон Панов“ продолжува

    February 20, 2021
  • Реакција на МАИ во однос на доцнењето на резултатите од Годишниот конкурс на Министерството за култура

    February 17, 2021
  • Излезе првиот број на електронско списание за литература, култура и уметност, „(е)Лит“

    February 15, 2021
  • Поставена изложбата Folded на младиот фотограф Зоран Шекеров

    February 15, 2021
  • Запоставен институтот за фолклор „Марко Цепенков“

    February 15, 2021

2017 ©NOMADS - All Rights Reserved.