Close Sidebar close
nomads.mk
  • Home
  • ЛУЃЕ
    • ПРЕТСТАВУВАЊЕ
    • ИНТЕРВЈУ
  • СЛУЧУВАЊА
  • АРТ
    • УМЕТНОСТ
    • ЛИТЕРАТУРА
    • ФИЛМ
    • ФОТОГРАФИЈА
    • ДИЗАЈН
    • МУЗИКА
  • LIFESTYLE
    • LIFESTYLE
    • ВИНО
    • ГАСТРО
    • ЗДРАВ ЖИВОТ
    • АКТИВИЗАМ
    • ПАТУВАЊЕ
  • КОНТАКТ

Subscribe & Follow

2017 ©NOMADS - All Rights Reserved.

  • Home
  • ЛУЃЕ
    • ПРЕТСТАВУВАЊЕ
    • ИНТЕРВЈУ
  • СЛУЧУВАЊА
  • АРТ
    • УМЕТНОСТ
    • ЛИТЕРАТУРА
    • ФИЛМ
    • ФОТОГРАФИЈА
    • ДИЗАЈН
    • МУЗИКА
  • LIFESTYLE
    • LIFESTYLE
    • ВИНО
    • ГАСТРО
    • ЗДРАВ ЖИВОТ
    • АКТИВИЗАМ
    • ПАТУВАЊЕ
  • КОНТАКТ
nomads.mk
nomads.mk
    Литература

    NOMADS рецензија: „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски

    January 9, 2021

    Откривање на симболиката во романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски преку значењето на имињата на ликовите во него

    Пишува: Снежана Стојчевска

    Најновиот, петти по ред роман на писателот и издавач Жарко Кујунџиски, насловен „Сфинга на гневот“, е мистериозен, историско-археолошки, авантуристичка трилер. Издавач и писател се и главните ликови, Лазар Отадески и Марко Ковачки. Сѐ во овој роман има значење и симболика, сѐ е прецизно обмислено и смислено и поставено на вистинското место како сложувалка, почнувајќи од имињата на главните ликови, па сѐ до најситните детали. Лазар е педесетгодишен издавач за кого важи еврејската клетва „Да имаш, па да немаш“, кој бил на врвот на книжевниот крем, за да се најде како пропаднат издавач пред банкрот, осамен, изолиран и огорчен. Неговата психичка состојба е во согласност со неговата физичка состојба, тело што старее, изложено на хронична болка во ’рбетот. Значењето на името Лазар, од Библијата познат и како „Воскреснатиот“, е „Мојот Бог ми помогна“. Отадески произлегува од отаде или од другата страна. Лазар ќе отиде „отаде“, ќе умре за да воскресне, да се прероди, да се роди како нова духовно освестена личност на која Бог ќе ѝ помогне да го пронајде Бог. Марко е харизматичен, ведар, позитивен, полн со живот, млад писател. Всушност, Марко и Лазар се две крајности, различни како ден и ноќ, а може и да се рече дека тие двајца се две различни страни на една иста паричка. Тој е омилениот, обожаван автор, поради кого сите други автори ја напуштиле издавачката куќа „Веда“ на Отадески, иако е автор на само едно единствено дело. Марко е причина за пикот, но и за пропаста на „Веда“, но Лазар и тоа доброволно би го прифатил само доколку Марко продолжи да создава и му го даде долгопосакуваното ново дело. Името Марко е со латинско потекло и значи „Бог на војната“, потентен двигател на промените, но Марко е и еден од авторите на евангелијата, Евангелие според Марко. Тој бил помошник и сопатинк на апостолот Павле, ставен во служба на Бога. Ако пак се разгледа значењето на презимето Ковачки, може да се протолкува како оној што сам си ја кове, креира судбината, кој е свесен за сите димензии, и физичката и духовната, и кој ги држи конците на својот живот во свои раце. Ако се разгледа подлабоко, може да се забележи дека Ковачки е многу блиско со Кујунџиски, па може да се гледа како алтер его на самиот автор или некој вид анаграм на неговото лично име, бидејќи меѓу имињата Жарко и Марко има разлика само во една буква.

    Книгата се состои од пролог, десет дела и епилог и во својата структура ги има сите класични елементи што еден роман го прават комплетен. Започнува со прологот, во кој се запознаваме со ликот на Лазар, едно вообичаено утро кога му прекипува кафето и цел стан се обвива во дим. Навидум обична сцена, но всушност и тука, како и во целата книга, сѐ има своја симболика, причина и последица, исто како во поговорката „Кај што има чад, има и оган“. Имено, оваа обична сцена е само најава за следната сосем необична сцена во која една преубава, непозната, мистериозна девојка со бургундесто црвена коса доаѓа кај Лазар непоканета и во стилот на Булгаков му нуди стара бесценета книга во која има досега неоткриена песна на Константин Миладинов, а за возврат од него ја бара неговата душа. Оваа сцена потсетува на адвокатот на ѓаволот и со својата нереалност и надреалност нѐ тера да се запрашаме дали е ова сон што Лазар го сонува или навистина му се случува. Симболика има и во тоа што по чадот се појавува Ѓаволот, тоа што Ѓаволот има женско лице, но тоа што кафето изври, доживеа кулминација и ерупција е само најава за тоа што ќе се случи во романот. Иако не го дознаваме веднаш, името на девојката е Ана Марија. Ана е еврејско име што значи благодат или благонаклонетост. Света Ана е мајка на Богородица, односно мајка на мајката Божја или прамајка. Марија е исто така еврејско име, кое значи љубена, посакувана и е име на Богородица, мајка Божја.
    Во прологот Жарко успева да ја постави сцената, да го воведе главниот лик и веднаш да предизвика интерес и желба да се дознае што ќе се случи со него понатаму. Веќе во првиот дел авторот го открива главниот проблем, односно мистеријата во овој роман, а тоа е исчезнувањето на Марко во Сплит, каде што тој е на писателска резиденција за да го пишува својот нов роман, најпосакуваното нешто во светот на Лазар. Тоа е и главниот двигател на дејството, односно причина за физичкото и духовното патување на Лазар, преку кое ќе доживее реинкарнација. Марко всушност е главниот лик во сенка бидејќи на ниту едно место во романот не се појавува физички, туку преку разговорите на другите за него или индиректно преку интервјуа и писма. Тој е неприсутен, но е сепрусутен, и причина и последица, и загатка и решение, и брава и клуч. За Марко најпрво дознаваме од разговорот на двајцата вработени во „Веда“, Дамјан (оној што скротува, смирува) и Ведран (ведар, чист, јасен). Тие се и единствените со кои Лазар е во постојана комуникација. Преку исчезнувањето на Марко и како на тоа реагираат јавноста и медиумите, Кујунџиски успева да даде слика на модерното време, на ерата на друштвени медиуми и протокот на информации, прикажувајќи го притоа модерното copy paste новинарство, но и алчноста за трач-рубрика, како и прашањето за лажните вести. Одеднаш веста за исчезнувањето станува вест број еден, а Лазар е единствениот со кого го поврзуваат бидејќи Марко е единец чии родители се починати. Навидум сите овие настани се секојдневни, за повторно да се сретнеме со еден надреален лик, маж со женски глас, по име Сотир, но со необичен надимак Грапа. „Името Сотир има грчко потекло и значи спасител и е истозначно со словенското Спасе. Иако во словенската традиција Спасе го празнува Спасовден т.е. Вознесение Господово, во грчката традиција Сотир го празнува денот на Преображение, заради именувањето на грчки: Преображение на спасителот.“* И овој лик како и мистериозната девојка е досега непознат за Лазар и го запознава во чуден момент, пред полициската станица „Беко“, од каде што излегува по распитот за случајот на Марко. Грапа буквално го зграбува и го носи со себе. Тука имаме една виртуелна тура низ Скопје, живописно се раскажани сите места низ кои физички поминуваат во моментот додека разговараат, хоризонтално, но и тура што оди вертикално низ историјата, оддолу нагоре, од создавањето на Скопје, па сѐ до денес. Оваа тура е многу вешто изведена и всушност претставува роман во роман. Преку прошетката низ Скопје, Грапа му ја објаснува симболиката на книгата на Марко, насловена „Отворање на кутијата“. Книгата е за Пандора од градот Феникс, за отворањето на Пандорината кутија или кутијата од која излегло сето зло на светот, а останала само надежта, но всушност е книга за Скопје. Иако е поделен на десет дела, лично доживеав како романот да е поделен на две дела, Скопје и Сплит. Повторно изобилство од симболика, мистика, значења и смисла. Уживав во демистифицирањето на книгата на Марко, лично ме погоди затоа што како и многумина така и јас сум вљубена во својот роден град. Кога подобро ќе размислам, сфаќам дека за својот четириесетгодишен живот никогаш го немам напуштено Скопје подолго од 30 дена. Скопје има некоја магнетна сила да ги држи своите жители тука, но и да привлекува луѓе од другите градови да го засакаат како свој, дури и повеќе од родниот град. Токму оваа историско-археолошка тура низ Скопје ѝ дава тежина на книгата, во која верувам дека особено ќе уживаат сите вљубеници, како мене, во историјата и во Скопје. Според најстарите сведоштва и археолошки пронајдоци, Скопје е населено 4000 години пр. н.е. и првпат во пишани документи се спомнува под името Скупи. Повторно би се задржала на значењето на името. Скупи како старо име на градот потекнува од јазикот што го користеле пајонските племиња Агријани и значи колиба, засолниште или стреа, додека пак второто толкување е дека името Скопје потекнува од старогрчкиот збор skopos што значи набљудувач, спектатор или чувар, стражар, заштитник. Ако се извлече заклучок од двете значења на името, произлегува дека Скопје е наше засолниште и наш заштитник, оној што нѐ чува и брани од зло. Пандора е онаа на која боговите ѝ ја даваат кутијата да ја чува, да го чува светот од сите зла, но наместо да го чува, таа го уништува. Ако Скопје е еднакво на Пандора и на Феникс, во романот на Марко, Скопје е свој најдобар заштитник, но и предавник, свој создавач и свој уништувач. Магнетната, дури и магиска моќ што Скопје ја има се должи на таа историска вертикала, што толку долги векови пред нашата ера тука имало и сѐ уште има живот, иако Скопје многупати се уништувал и како Феникс повторно се издигал од пепелта своја. Скопје бил уништен, повеќепати од сите космички елементи, огнот, земјата, водата и воздухот. Градот гори до темел во седумнаесеттиот век од рацете на австрискиот генерал Пиколомини, кој сакал да ја запре епидемијата на чума што се ширела низ воздухот како што сега се шири ковид-19, поплавата во 1962 година, разорните земјотреси, оној во 518 г. и оној во 1963 г., го рушат градот до темел, но и го прават светски град на солидарноста. Може да се каже дека Скопје нѐ чува и штити од самиот себе. Толкувањето на името Пандора пак е: „Онаа која ги има сите дарови, која е со сѐ надарена и која е седарежлива. Во старогрчката митологија таа е и првата смртна жена“. Не само во минатото во грчката митологија, за жал и денес постои уверување дека злото има женско лице. Вината на Пандора дека ја отворила кутијата од љубопитство и со тоа сторила непоправлив грев Марко ја префрла врз боговите, кои намерно ѝ ја дале кутијата на Пандора, иако знаеле дека таа нема да има сила да го издржи искушението и со тоа ја искористиле како инструмент за остварување на својата волја, а тоа е кутијата да биде отворена. Оваа преказна се пресликува и во приказната со Ева во Библијата, која исто така е првата смртна жена, која е обвинета за смртен грев, за протерувањето од рајот, поради тоа што гризнала од јаболкото, плодот од дрвото на познанието. И кутијата и јаболкото носат осознавање, а со тоа носат и грев. Тука Кујунџиски преку својот лик, авторот Ковачки, се става во одбрана на жените.

    Покрај оваа вертикално патување Кујунџиски ќе нѐ поведе и во хоризонтално патување поврзувајќи го Скопје со Сплит. Ова е физичко патување на главниот лик, кој се впушта во потрага по својот омилен автор, со надеж дека ќе дојде до совршеното дело. Првиот човек кого Лазар го запознава по стапнувањето на хрватска почва е таксистот Фарид, по потекло од Сирија, но како бегалец на крајот останал во Хрватска. Ми остави силен впечаток едно необично прашање што Фарид му го упатува на Лазар. Тој го прашува да не е дојден тука за да умре и да не бара гробно место. Ова прашање го запрепастува Лазар, но повторно Жарко блирира со употребата на симболиката и значењата и на крајот навистина Лазар е дојден за да умре тука, за да може потоа да се роди како нова личност. Тој чин на крах или крај се случува така што Отадески ќе доживее нервен слом при разговорот со Ана Марија, кој се одвива токму на стари гробишта, кои сега се користат и како парк. Иако само спореден лик, Фарид предизвикува интерес кај Лазар, кој дотогаш има само една страст, а тоа се книгите. Лазар не е оженет. Тој е самец и е осамен. Во целата книга е претставен како асексуален и незаинтересиран кон ниедна личност, ако се тргне настрана неговата опсесија со Марко, која е од чисто професионална природа, освен тука кога авторот срамежливо кокетира или подотвора врата на можноста Лазар да посака живот со Фарид. Тоа се гледа од помислата дека тој би можел да биде тој што ќе го чека да се врати дома и да го праша банални работи како „Донесе леб?“ или „Купи цигари?“. Инаку, името Фарид е со арапско потекло и значи единствен, уникатен, неспоредлив, но и „The one“, оној вистинскиот.

    Интересно е преку страниците на книгата да се чекори по улиците на Сплит. Оваа книга е своевидна мапа на градот и со неа в раце ќе тргнеме во разоткривање на мистеријата. Ако во Скопје акцентот беше ставен на Пандора како митски лик и на Пандорината кутија во првиот напишан роман на Марко – „Отворање на кутијата“, во Сплит одиме во потрага по ненапишаниот роман на Марко, „Жива сфинга“, каде што централна фигура е историски лик, римскиот цар Диоклецијан и сфингата. Оттука произлегува дека „Сфинга на гневот“ е книга што содржи две книги, напишаната „Отворање на кутијата“ и ненапишаната „Жива сфинга“. Живата сфинга ќе ја отвори кутијата, како Пандора, и од неа ќе излезе гневот, кој, според авторот, е основа на секој грев. Диоклецијан е интригантна личност, не бил од благородничко семејство, од обичен војник се издигнал до Цар. Тој бил фасциниран од Египет и од египетската култура. Себеси се прогласил за син на Јупитер, се сметал за жив бог и барал од сите да го почитуваат како таков. Жестоко ги прогонувал христијаните, дури има и такви што поради него станале маченици. Тој гради огромен замок под влијание на Египет. Немал ништо, па имал сѐ, за на крајот повторно да нема ништо, односно да не му се знае кај му се ни коските, ни гробот. Единствено сведоштво за неговото постоење е палатата што ја изградил како свој мавзолеј, како пирамида што ќе му помогне да премине на оној свет и ќе му обезбеди вечен живот. Тука авторот говори за тоа колку од нас останува во архитектурата како споменик низ времето и колку сите нешта, колку и да изгледаат хаотични, се поврзани со некој универзален поредок што дарува смисла. Сфингата, пак, како и Пандора, е митски лик, кој се јавува во Египет, а потоа е пренесен и во грчката митологија, но се јавува и во азиската и индиската култура. Во овој случај на сфингата во Сплит, се работи за андросфинга, која има тело на лав, а лице на жена. Она што е специфично токму за оваа сфинга, која е изработена од црн гранит, е тоа што има човечки раце и тоа ја прави уникатна, но и тоа што во рацете држи кутија или дар, кој може да е урна што гарантира бесмртност, но може и да е книга што исто така на некој начин му носи бесмртност на оној што ја создал. И повторно злото има женско лице. Од митологијата е познато дека сфингата е таа што го задавува секој што не го знае одговорот на нејзината загатка. Загатката што Дора, археологинка и лиценциран водич низ палатата на Диоклецијан, му ја кажува на Лазар, а преку неа авторот ни ја упатува нам е следната: „Си биле две сестри: едната ја родила другата, а втората, за да ѝ се оддолжи, ја родила првата. Кои се тие две сестри?“* Одговорот на загатката на Дора е денот и ноќта, а одговорот на загатката на Кујунџиски е Лазар и Марко. Лазар го создава Марко, од еден обичен младич прави најпознат и најпродаван автор, за да му се оддолжи Марко ја иницира реинкарнацијата на Лазар, го носи до сфингата што е стражар помеѓу овој и оној свет, но и чувар на вечноста, која ќе го задуши стариот, огорчен, несреќен лик Лазар, за да може да се роди новиот, духовно освестен Лазар, подготвен за нов живот поинаков и поисполнет од оној досега. Името на Дора, која ќе му помогне на Лазар да дојде до вистината, произлегува од имињата со грчко потекло Теодора („Божји дар“) или Доротеја („Дар од бога“) и значи дар или подарок.

    „Сфинга на гневот“ е комплексно дело, не е едноставна за читање, од една страна возбудливата содржина ќе ве натера да читате брзо, од друга страна мноштвото информации и детали што не се случајно ставени ве принудуваат да забавите, за да не испуштите нешто суштествено. Оваа книга, која е жив споменик и мапа на Скопје и на Сплит, е бесценет бунар од кој бескрајно може да се црпат симболи, кои повеќеслојно и повеќекратно се испреплетуваат за на крајот да дојдат до вистината. Нема да ви откријам што сѐ ќе се случи, ќе ве оставам сами да ја почувствувате возбудата што ја носи. Уживајте во неа!

    Користена литература:

    • Кујунџиски, Ж. (2020). Сфинга на гневот. Скопје: Антолог.
    • Архимандрит Стефановски И. (2019). Енциклопедија на македонските имиња. Скопје: Ми-ан.
    АнтологлитературарецензијаСнежана СтојчевскаСфинга на гневот
    • „Стаклени сенки“ или поезија за времето од Милчо Мисоски

    • Теренската снимка на македонскиот звучен уметник Тони Димитров дел од „Пандемиските звучни пејзажи на Европа“

    You Might Also Like

    NOMADS поезија: Евелина Митева

    February 26, 2019

    Од печат излезе романот на Лилјана Пандева – „Дневници на една љубов“

    October 11, 2019

    NOMADS интервју: Јела Кречиќ – писател и филозоф

    November 2, 2017

Рубрики

Најново

  • Охрид на листата на Светско културно наследство во опасност

    January 21, 2021
  • NOMADS поезија: Наида Мујкиќ

    January 15, 2021
  • NOMADS рецензија: „Ќе фатит бран” – нова поетска книга на Долорес Атанасова-Лори

    January 15, 2021
  • Македонски музички изданија на листa за најдобри албуми во регионот

    January 15, 2021
  • Теренската снимка на македонскиот звучен уметник Тони Димитров дел од „Пандемиските звучни пејзажи на Европа“

    January 10, 2021
  • NOMADS рецензија: „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски

    January 9, 2021
  • „Стаклени сенки“ или поезија за времето од Милчо Мисоски

    December 28, 2020
  • Промоција на книга и проекција на филм – „Замислување на мирот“

    November 2, 2020
  • Успешна психолошка книга

    October 24, 2020
  • Три дена европска и македонска литература на „BOOKSTAR“ во Кинотека

    October 19, 2020

2017 ©NOMADS - All Rights Reserved.