Close Sidebar close
nomads.mk
  • Home
  • ЛУЃЕ
    • ПРЕТСТАВУВАЊЕ
    • ИНТЕРВЈУ
  • СЛУЧУВАЊА
  • АРТ
    • УМЕТНОСТ
    • ЛИТЕРАТУРА
    • ФИЛМ
    • ФОТОГРАФИЈА
    • ДИЗАЈН
    • МУЗИКА
  • LIFESTYLE
    • LIFESTYLE
    • ВИНО
    • ГАСТРО
    • ЗДРАВ ЖИВОТ
    • АКТИВИЗАМ
    • ПАТУВАЊЕ
  • КОНТАКТ

Subscribe & Follow

2017 ©NOMADS - All Rights Reserved.

  • Home
  • ЛУЃЕ
    • ПРЕТСТАВУВАЊЕ
    • ИНТЕРВЈУ
  • СЛУЧУВАЊА
  • АРТ
    • УМЕТНОСТ
    • ЛИТЕРАТУРА
    • ФИЛМ
    • ФОТОГРАФИЈА
    • ДИЗАЈН
    • МУЗИКА
  • LIFESTYLE
    • LIFESTYLE
    • ВИНО
    • ГАСТРО
    • ЗДРАВ ЖИВОТ
    • АКТИВИЗАМ
    • ПАТУВАЊЕ
  • КОНТАКТ
nomads.mk
nomads.mk
    Литература

    „Стаклени сенки“ или поезија за времето од Милчо Мисоски

    December 28, 2020

    Пишува: Снежана Стојчевска

    „Стаклени сенки“ во издание на „Антолог“ е петтата книга на струшкиот поет Милчо Мисоски. Мисоски е оформен поетски глас, со еснафски мајсторлак и мудрост на старец. Тоа го потврдува уште со својата прва книга, „Чекајќи го ангелот“ (1991), за која добива меѓународни и домашни награди. Оваа, според мене совршена, поетска книга во 2019 година доживеа и свое двојазично (македонско-англиско) реиздание, во превод на Никола Ѓелинчески, во издание на издавачката куќа „Антолог“. Во песната „Сетилно дрво“ се дефинира себеси како поет со стиховите: станав сетилно дрво на вечноста,/ отклучувач на сините срца на летото,/ вечен принц на питоми огнови. Скромен, ненаметлив, често посматрајќи од страна, надвор од сите поетски кругови и кланови, самостоен, неретко и осамен, нечуен во делувањето, но гласен и моќен во напишаното или како што нашите предци знаеле да кажат: мирна вода брег рони. Поезијата на Милчо суптилно и на долги патеки ќе го рони брегот на македонската поезија. Во песната „Црква“ пак, вели: ќе изградам црква/ си ветив/ на животот свој/ од плеќи ќе ја соѕидам/ од солзи ќе ја исклесам/ од уста ќе ја изустам. Таа црква е поезијата. И како што си вети така и направи и ветеното го исполни со своите пет поетски книги.

    Не случајно го почнав овој осврт токму со првата книга, бидејќи тука се корените од кои неговото поетско битие почнува да расте. Творештвото на Мисоски, како и неговата личност, се движи во вертикална линија, со здрав морален компас и освестена, осведочена духовност. Кога ги читам неговите книги, имам чувство дека читам една книга, книга за животот. Вечната тема која се провлекува низ сите нив е времето. Затоа јас би го нарекла поет на времето. Самиот наслов „Стаклени сенки“ асоцира на непостојаноста, кршливоста, кревкоста и минливоста на човековото битие и постоење. Стакло и сенка. Стаклото ќе се скрши. Сенката ќе исчезне со заоѓањето на сонцето, или како што вели авторот: додека гледаме во светлината,/ сѐ околу нас е темно. Книгата ја отвора со стиховите: попусто го измачувам времето,/ никогаш нема да го достигнам неговото задоволство. Можеби најгласно говори за времето во песната иронично насловена „10 минути молк“: Времето е странец/ своите пораки ги запишува/ на балсамирани листови./ За она што ќе биде/ лагата е сосем доволна забава./ Кога ќе исчезнат насоките/ зборот е патот до дома. Но, не само тука, туку голем број негови песни се тематски поврзани и инспирирани од минливоста на мигот, непостојаноста на физичкиот свет и нашата немоќ да го сопреме тој неповратен процес. Секоја песна е момент, врамена слика, уловена емоција, дадена за навек. Така авторот го заробува времето, а воедно и го ослободува. Во џебовите од старото палто/ тропкаат моите последни стихови/ со кои го скротувам времето.

    Се прашувам од каде таа опсесија со времето? Можеби одговорот се крие во неговата професија. Како доктор тој секојдневно е во ситуации во кои се работи за живот или за смрт. Тие блиски средби со смртта и драматични сцени со кои секојдневно се бори ја прават поезијата негово место за оддишка, прибежиште или пауза од реалноста, која е далеку од розова. Затоа неговата поезија е нежна, лирична, па дури и медитативна, како на пример стиховите Капките вода на дланките прават оригами. Во својот поетски израз осцилира помеѓу лиричноста на Тагоре и мистичноста на Руми, притоа создавајќи поезија што смирува и лечи. Сигурна сум дека авторот тоа го прави несвесно, прво лично за себе, но со тоа и за сите што имаат трпение и љубопитство да се нурнат во тој свет што го гради, а за кој ќе рече: во овој свет кој се случува токму навреме/ прескапо е да се умре. Иако низ песните владее одредена меланхолија и тага поради непобедливоста над времето, речиси секогаш заблескува искра надеж: Мал допир ги затвора очите/ да престане стравот од заборав. Поезијата го победува стравот од заборав, зборовите што авторот ги остава се и сведоштво и аманет, но и репер за генерациите што доаѓаат.

    Покрај времето, сеприсутна во неговата поезија е и водата како симбол на животот. Од капка вода, езерските бранови и бескрајното море, синилото ја бојадисува и превладува во неговата поезија изнедрена од водите на Охридското Езеро, продолжувајќи ја со тоа струшката поетска традиција. Денот и ноќта, темнината и светлината, годишните времиња, ѕвезденото небо, универзумот ја покажуваат неговата сплотеност со природата. Меѓутоа тој е и урбан поет. Во неговата поезија може да се појави раскрсница, зграда во маало и понекој графит кој вели: Сè непознато е веќе видено, како во песната „Патокази“. Последната строфа во оваа песна е поетска слика сама за себе, толку моќна што несомнено ќе остане врамена во сеќавањето на читателите: Пред ноќта/ се исправувам/ се прекрстувам/ гледајќи го небото/ обоено во пурпур/ од боичките на мојата ќерка. Ваквите строфи или стихови што се дел од песната, а се песна сама за себе се карактеристични за Мисоски. Застапени се низ целата книга. Ги нарекувам песна во песна. Не се обележани со друг фонт, туку се тајнопис што ви е даден да го откриете.

    Една од омилените песни во оваа книга за мене е песната „Ме буди стих што умира во мене“. Самиот наслов е контрадикторен, во себе го содржи и своето создавање и својата негација. Во неа поетот прашува: Колку светлина е потребно да се бои осаменоста, за потоа да додаде: Без зборови/ со скромност на бездомник/ принесувам воздишки за последните патници на земјата. Тие воздишки се наменети за нас патници добронамерници, подготвени да тргнеме на поетско патување. Поезијата на Мисоски не се чита брзо и лакомо, туку трпеливо и полека. Не се чита одеднаш, туку песна по песна. Ви препорачувам да прочитате по една песна на ден, но читајте ја наглас и повторете ја повеќе пати, како молитва меѓу две трепнувања, како мантра, лозинка за други димензии, како рецепт препишан од доктор.

    ***

    Милчо Мисоски е роден на 26.09.1972г. во Струга. Основното образование го завршува во својот роден град. Средното образование го продолжува во Средното медицинско училиште во Охрид. Студира во Софија и Скопје каде и ги завршува медицинските студии во 1997г. На Медицинскиот факултет во Скопје специјализира Микробиологија со паразитологија во 2003 г. Магистер на медицински науки станува во 2010 г. Со титулата примариус се здобива во 2014 г.
    Бил еден од уредниците на училишниот весник ЈУЖЕН БРАН во Охрид. Наградуван е на Радио Охрид за поезија. Во 1989г на Ратковиќевите вечери на поезија Бјело Поље (Црна Гора) добива награда за најдобра книга од млад автор. Негова поезија е објавувана на просторите од поранешна СФРЈ во повеќе списанија МОСТОВИ, ОДЗИВИ… Во 1990 г. учествува на Европскиот поетски фестивал во Плав. Во 1991 г. излегува од печат неговата прва книга поезија ЧЕКАЈЌИ ГО АНГЕЛОТ која истата година е прогласена за најдобра книга на Конкурсот на Книжевна Младина на Македонија. Застапен е во антологијата ПОЕТИТЕ ОД СТРУГА од м-р Разме КУМБАРОСКИ во издание на Струшките вечери на поезијата во 2001 г. Објавени поетски книги: ЧЕКАЈЌИ ГО АНГЕЛОТ (1991), ЗАПИСКИ (2013), ИЗНЕВЕРЕНО ВРЕМЕ (2016), ПЕСОЧНИ КАПКИ (2017), СТАКЛЕНИ СЕНКИ (2020). Во издание на АНТОЛОГ од Скопје во 2019 г. излегува од печат второто издание на ЧЕКАЈЌИ ГО АНГЕЛОТ/WAITING FOR THE ANGEL со превод на англиски јазик. Неговата поезија е преведена на срско – хрватски, бугарски и англиски јазик. Учествувал во антологиите ДАЈ ДВЕ ЉУБОВНИ (2015) и НЕМА СТИХ НЕМА МИР (2017) во издание на издавачката куќа АНТОЛОГ – Скопје. Застапен е во ДЛАНКОВОД – Седмата електронска зборник на поезија во организација на КОНТЕКСТ СТРУМИЦА Април 2019г. Во Струмица (2018 и 2019г.) учествува на Меѓународната поетска манифестација “” 100 Thousand Poets for Change”.

    Добитник е на следните поетски награди:
    1.Плакета Поетијада- Белград, септември 2019.
    2.Плакета за најдобар автор од Република Северна Македонија Mili DUELI Online Balkan Poetry Contest 2019 Town Jajce Bosnia and Herzegovina.
    3.Планетопија 2020 најдобра поетска збирка – ПЕСОЧНИ КАПКИ
    4.МПФ-ЛИТЕРАТУРНИ ИСКРИ 2020 – ( 7 издание) Прва награда
    5.Сина повелба – Меѓународен поетски фестивал ПАНОНСКИ ГАЛЕБ – Суботица Република Србија

    АнтологМилчо Мисоски
    • Промоција на книга и проекција на филм – „Замислување на мирот“

    • NOMADS рецензија: „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски

    You Might Also Like

    NOMADS поезија: Со ветрот под рака

    February 11, 2018

    „Неми филмови“ од Димитар Димоски, нова книга од ИЛИ-ИЛИ

    October 24, 2019

    32. Поетска ноќ во Велестово

    August 19, 2020

Рубрики

Најново

  • Охрид на листата на Светско културно наследство во опасност

    January 21, 2021
  • NOMADS поезија: Наида Мујкиќ

    January 15, 2021
  • NOMADS рецензија: „Ќе фатит бран” – нова поетска книга на Долорес Атанасова-Лори

    January 15, 2021
  • Македонски музички изданија на листa за најдобри албуми во регионот

    January 15, 2021
  • Теренската снимка на македонскиот звучен уметник Тони Димитров дел од „Пандемиските звучни пејзажи на Европа“

    January 10, 2021
  • NOMADS рецензија: „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски

    January 9, 2021
  • „Стаклени сенки“ или поезија за времето од Милчо Мисоски

    December 28, 2020
  • Промоција на книга и проекција на филм – „Замислување на мирот“

    November 2, 2020
  • Успешна психолошка книга

    October 24, 2020
  • Три дена европска и македонска литература на „BOOKSTAR“ во Кинотека

    October 19, 2020

2017 ©NOMADS - All Rights Reserved.