Првиот од низата концерти во склоп на 22-рото издание на Таксират Фестивал, а и воедно првиот културен настан организиран во затворен простор, помина во најдобар ред и со максимално почитување на протоколот .
Концертот на Архангел, со кој започна официјалната музичка програма на фестивалот, се одржа согласно протоколот за организирање на јавни настани во затворен простор. Огромна благодарност до публиката – драгите и верни пријатели на Таксират Фестивал, кои се придржуваа до мерките во текот на целиот настан и уживаа во настапот на едно од најголемите музички остварувања кај нас – Архангел.
Под мотото 30 години љубов, на бината на Таксират настапи Архангел, највлијателната фигура во културниот живот на нашите простори. Со целовечерен концерт, на кој беа изведени дури дваесет и седум песни, ни приреди едно ново, необично и досега невидено искуство.
Врвните македонски музичари кои го придружуваа Вртев на сцената, направија познатите “Милион долари”, “Чудесен свет”, “Вина невина”, “Сениште” и сите останати песни, да добијат уште поголем смисол и длабочина.
Секогаш во чекор со времето и актуелната ситуација, Ристо Вртев, преку својата врвна поетска експресија, успеа да ја обедини публиката и да и докаже дека може да се ужива и во услови поинакви од вообичаените.
фотографии: Соња Ставрова