Највлијателнатa фигурa во културниот живот на нашите простори, со уметничко влијание поголемо од било која жанровска дефиниција – АРХАНГЕЛ, ќе настапи на Таксират Фестивал #22. Првиот од низата концерти, со кој ќе сe одбележи 22-рото издание на Таксират Фестивал, ќе се одржи на 11-ти октомври 2020-та година во СЦ “Борис Трајковски”.
Под мотото 30 години љубов и со целовечерен концерт на Архангел, започнува официјалната музичка програма на фестивалот Таксират, кој повеќе од 20 години ја отсликува убавата страна на градот и игра значајна улога во градење на културата на нашите простори.
Архангел е едно од најзначајните македонски остварувања на сите времиња и претставува темелник на домашната урбана музика. Во својата кариера издава четири албуми, преку кои стекнува култен статус како една од најголемите и најквалитетните македонски рок групи.
Само една недела подоцна, програмата продолжува со соло концерт на еден од најдобрите изведувачи од домашната андерграунд хип-хоп сцена – СТРАЈК. По рекордно распродадениот прв соло концерт во 2018-та, Страјк со својот моќен израз и сурово искрени рими, се враќа на бината на Таксират Фестивал на 23-ти октомври.
ПИН МУЗИЧКА КОНФЕРЕНЦИЈА И ШОУКЕЈС ФЕСТИВАЛ
Во рамките на Таксират Фестивал #22, ќе се одржи и седмото издание на првата и единствена музичка конференција и шоукејс фестивал кај нас – ПИН. ПИН ќе се одржи во три програмски денови, од 26-28 ноември, на бројни локации низ Скопје. Годинашното издание ќе биде фокусирано на здружување на силите на најдобрите и најновите музички таленти од регионот, Европа и Македонија, како и најрелевантните имиња во музичката индустрија – промотори, менаџери, музичари, новинари. Преку конструктивни панели и дискусии, настанот ќе се обиде да најде релевантни решенија и начини на кои може да се влијае врз подобрување на состојбата во музичката индустрија, која е една од најпогодените гранки од корона вирусот.

Една од целите на ПИН е преку својата програма, да им даде можност на домашните, млади музички таленти да настапат пред бројни професионалци од светот на музичката индустрија.
Ги повикуваме и охрабруваме сите нови и талентирани изведувачи кои имаат желба да ја промовираат својата музика, да се пријават на повикот.