Кадер Абдолах е еден од шесте автори чии претставувања имавме можност да ги проследиме на годинашното, петто издание на Фестивалот на европска литература „BookStar“, кој се одржа од 7 до 10 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје во организација на издавачката куќа „Антолог“. Кадер Абдолах е роден во 1954 година во Арак, Иран, а во 1980-тите преку Турција емигрира во Холандија, каде што почнува да пишува и да објавува и на холандски. Како млад ја проучувал западната литература во тајност и го осознал поимот за слободата на сосема поинаков начин. Студирал физика во Техеран, а пишувал и за левичарски андерграунд весник. Објавил две збирки раскази под псевдонимот Кадер Абдолах. Го отслужил воениот рок, а за време на револуцијата се приклучил на движење што се спротивставило на режимот на шахот Мохамед Реза Пахлави, а подоцна и на Хомеини. На холандската литературна сцена дебитирал во 1993 година. Редовен гостин е на јавни дебати на холандските ТВ-канали. Делата на Абдолах се преведени на дваесетина јазици и претставуваат начин Европа да се запознае со исламот. Од италијанската книжевна критика е споредуван со Набоков и со Конрад. Во јавна анкета на весникот „NRC Handelsblad“ во 2007 година неговиот роман „Куќата на џамијата“ е изгласан за втор омилен холандски роман на сите времиња.
Интервју: Снежана Стојчевска
Дали првпат сте во Македонија?
К. A.: Првпат сум во Македонија. Сум бил насекаде во поранешна Југославија, но овој дел не сум го посетил никогаш порано. Возбудливо е да се биде тука затоа што ова е дом на Александар Македонски. Како што знаете, Александар ја поразил Персија (Иран), мојата родна земја. Тој е наш голем непријател (ха-ха-ха). Никогаш не му простивме бидејќи ја уништил Персија, ни ги зел најубавите принцези, ја јадел најубавата персиска храна. Му го дадовме името Искендер, но никогаш не го заборавивме. Тој има значајна улога во персиската литература и култура. Убаво е да се биде тука.
Сте студирале физика, а потоа сте станале писател. Што се случи?
К. A.: Потекнувам од семејство со долга книжевна традиција. Мојот прапрадедо е многу познат поет, писател во Иран. Моето семејство со генерации се занимавало со пишување. Тоа ни е наследено, тоа е во нашата ДНК. Животот ми даде перо и ми рече: „Пишувај!“ И го направив тоа. Немав избор. Иако бев млад, знаев дека сакам да пишувам, но најпрво требаше да студирам, да дипломирам, да заработувам. Студирав физика, но истовремено и пишував. Физиката е убава наука, ви ги отвора очите кон целиот свет. Како писател ја гледате месечината како многу убава, поетична, романтична, но како физичар гледате сосема поинаку на месечината, на водата, на светлината, на луѓето, на љубовта, и среќен сум поради тој светоглед.
Кое е вашето мислење за влијанието на новите технологии врз книжевноста?
К. A.: Сите човечки достигнувања треба да ги користиме за да ја работиме својата работа подобро. Не сум слуга на интернетот, не сум зависник од социјалните мрежи, но ги користам за да ја промовирам својата работа. Како писатели потребни ни се, фантастични се, дури може да се рече и магични.
Кога почнувате со работа на нов роман, дали тргнувате од лик или од идеја?
К. A.: Не знам. Кога започнувам да пишувам, немам однапред утврден план. Оставам приказната да ме изненади, поинаку не би можел да ја почувствувам возбудата при пишувањето, а без неа не можам да пишувам. Некогаш ја имам само последната реченица, како точка, како дестинација до која сакам да стигнам, и ја оставам приказната да ме одведе до неа.
Како писател ме интересира каков е процесот на создавање на вашите дела. Дали сте организиран или стихиен писател?
К. A.: Имам челична дисциплина. Работам како рудар, читам, пишувам, уредувам, од 7 наутро до 5 попладне секој ден. Секој ден, и сабота и недела, и родендени и погреби, без промени. Не постои друг начин. Мојата ќерка често знае да каже: „Не ми се допаѓаат многу работи кај тебе, но ми се допаѓа тоа што си дисциплиниран, тоа што си сонувач, фантазер, ќе видиш нешто, ќе посегнеш по него и ќе го фатиш.“ За мене пишувањето е десетпати потешка работа отколку кај други автори бидејќи не пишувам на мајчин, туку на холандски јазик.
Токму тоа ме заинтригира. Зошто се одлучивте да го смените јазикот на кој пишувате?
К. A.: Имав 32 години кога ја напуштив својата татковина и дојдов во Холандија. Го сменив јазикот на кој што пишувам бидејќи сметав дека е неопходно, затоа што Европа се менуваше. На Европа ѝ требаа нови писатели, нови гласови, кои ќе донесат нови видици. Некој треба да им објасни што се случува на истокот. Холандските и европските писатели не можат да ја објаснат промената што се случува, не можат да објаснат зошто овие триесет милиони луѓе доаѓаат. Судбината ме поттикна да го направам тоа.
Дали имате чувство дека во Европа се развива исламофобија, поради стравот од радикалниот ислам? Дали мислите дека вашите книги можат да им помогнат на луѓето да ги разберат различните култури и традиции, да увидат дека, ако нешто е различно, не е погрешно?
К. A.: Европа секогаш се плашела од исламот, но сега исламофобијата има моќ. Политичарите го користат исламот за да дојдат до моќ. Да, радикалниот ислам и секој друг вид радикализам се лоша работа. Ќе повторам, радикалниот ислам е лоша и опасна работа, но направија многу поголем проблем од тоа и затоа сега исламофобијата е огромна и моќна во Европа. На тој начин сакаат да ја сопрат миграцијата. Не заборавајте дека во последните дваесет до дваесет и пет години 3040 милиони мигранти дојдоа во Европа. И Европа не е способна да го спречи тој бран. Европа е демографски стара и тие луѓе ѝ се потребни. Луѓето што ги читаат моите книги ми велат дека сум изградил мост помеѓу источната и западната култура. Апсолутно чувствувам должност како писател. Неопходно е да го сторам тоа, да пишувам, да им покажам, да не се плашат.
Многу ми се допадна вашата книга „Куќата на џамијата“. Во неа постои една врата што ја поврзува куќата со џамијата, кога почнав да читам, таа врата ми се отвори и влегов во еден живописен свет. Како дојдовте до идејата за оваа книга?
К. A.: Кога ја напишав оваа книга, сите зборуваа за Иран, за исламот, за семејството, но никој не знае што се случува таму. Затоа одлучив да ја отворам таа врата и да ги одведам моите читатели во мојот дом.
Можам да почувствувам дека сте црпеле од сеќавањата од детството, од реалниот живот, бидејќи инаку сликите не би биле толку живи, сепак би ве прашала: колку од содржината е реалност, а колку е фикција?
К. A.: Околу деведесет проценти од книгата е автобиографска, но јас успеав од тоа да направам книжевност. Сите ликови што ги оживувам во книгата ги познавам, тоа се вистински личности. Бев присутен кога се случуваа настаните што се опишани во книгата.
Првично, додека ја читав книгата, мислев дека вие сте Носрат, но на крајот ме изненадивте кога видов дека всушност сте Шахбал. Колку сте поврзани со вашите ликови?
К. A.: Се гледам себеси како Шахбал, имате право, но му имам дадено голем дел од мојот карактер на Носрат. Носрат беше постар од мене, но, кога го пишував романот, бев на истата возраст што ја има Носрат во романот.
Војната го вади најлошото од луѓето. Тоа го прикажавте во книгата, во еден многу емотивен и трогателен момент, кога Ага Џан заедно со Шахбал оди во околните села да моли за гробно место за достојно да го погреба својот син, кој е погубен од ајатоласите, но луѓето ги бркаат и не им дозволуваат да го погребат. Дали, и покрај сè, имате надеж и верба во човековата добрина?
К. A.: Да, тоа е вистинит настан. Мојот брат е погубен и ние баравме место во планината за да го погребеме. Тоа не ни се случи само нам, туку и на многу други луѓе во Иран. Имам должност како писател да создадам надеж, дури и да направам нешто убаво од тоа. Болката ја променив во убавина, убавина на книжевноста, поинаку не би можел да пишувам. Поинаку не би можел да продолжам да го носам товарот на таа тага.
Го користите стапнувањето на човекот на Месечината за да поставите временска линија по која се одвиваат случувањата во романот. Колку нештата се променети во Иран од шеесеттите години на минатиот век до сега?
К. A.: Многу нешта се случија и се променија во Иран. Пред револуцијата Иран беше во рацете на Американците. Ајатоласите немаа никаква моќ, но се случи револуцијата и тие ја добија целата моќ. Пред револуцијата жените беа слободни, можеа да носат мини-здолништа, а сега се ставени под чадор. Сега жените се борат за своите права, за својата слобода. Сè се случи, сега Иран е многу опасно, религиозно место. Го вратија општеството илјада години наназад, но истовремено, за да се здобијат со моќ, употребуваат модерни технологии, како нуклеарно оружје, ракети, компјутери, интернет. Тоа е парадоксот, користат модерни технологии за да ве вратат назад во времето.
Во книгата „Бележникот на татко ми“ главниот лик Ага Акбар е глувонем што пишува на свој сопствен јазик. Како дојдовте до идејата за оваа книга?
К. A.: Ова е автобиографска книга за мојот татко. Мојот татко беше глувонем. Јас бев неговиот контакт со светот и низ таа грижа како да си ги заменивме улогите, како јас да бев таткото, а тој моето дете. Поради тоа оваа книга ми е многу драга. Сите велат дека книгата „Куќата на џамијата“ е моја најдобра книга, но мене оваа книга ми е најзначајна и емотивно најблиска до моето срце.
Како долгогодишен писател, имате ли некоја порака што би сакале да ја упатите до младите писатели?
К. A.: Не плашете се од себе. Верувајте во себе. Употребувајте работи од вашата лична кутија, не од кутиите на други луѓе. Употребете ја материјата на сопствено тело и не грижете се што ќе кажат другите луѓе. Слушнете ги, но не грижете се. Сработете си ја вашата работа. Слушајте си го телото.