Поетска ноќ во Велестово ја соопшти програмата за 31. издание, во која по пауза од една година повторно има и интернационална програма. Оваа година ќе биде посветена на поезијата на Иван Џепароски и цртежите на Воскресија Андреевска, а ќе има гости од Бугарија и Република Ирска.
31-то издание на Поетска ноќ во Велестово ќе биде отворено на 16-ти август во 21.00 часот во село Велестово, Охрид, со настап на вокалистката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) и Александар Петров како специјална придружба на тапан. Водител на програмата ќе биде Марина Димовска.
Годинешното издание на манифестацијата е посветено на поезијата на Иван Џепароски, а за неговото дело ќе беседи проф. д-р Наташа Аврамоска, додека пак, стиховите ќе ги интерпретира актерот Владимир Јачев.
Потоа, во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, истата вечер, на 16-ти август од 22.00 часот ќе биде отворена и изложбата на академскиот сликар Воскресија Андреевска.
На 17-ти август од 12.00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи настанот „Поезија напладне“ посветен на творештвото на Поли Муканова од Бугарија, а модератор на настанот ќе биде Зоран Јакимоски.
Истиот ден од 19.30 часот во Кафе бар „Шила“ во Охрид ќе биде одржана и промоцијата на стихозбирката „Жалба до Музата“ од Џери Марфи (Република Ирска), избор и препев на Јулијана Величковска, издание на ПНВ Публикации од Скопје. Промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.
На 18-ти август од 20.30 часот во МАНУ (Куќата на Уранија) во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ ќе биде промовиран добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2018 г. односно – романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова. Со тоа ќе заврши програмата на 31-та Поетска ноќ во Велестово.