На 19 април, во 19 часот, во Театар „Сенки и облаци“ ќе се одржи промоцијата на книгата за деца Арно ама на Калина Малеска. Ова е прва книга во едицијата книги за деца „И ете приказна“ на издавачката куќа Или Или. По тој повод разговараме со писателката Малеска. Калина Малеска е писателка и професорка по книжевност. Авторка е на следниве книги: збирките раскази Недоразбирања (1998), Именување на инсектот (2008) и Мојот непријател Итар Пејо (2016); романите Бруно и боите (2006) и Призраци со срмени нишки (2014), драмата Случка меѓу настани (2010). Нејзини раскази и книжевно-истражувачки текстови се објавени во повеќе списанија во Македонија и во странство, а расказот „Поинаков вид оружје“ е дел од антологијата Best European Fiction 2018.
Интервју: Снежана Стојчевска
Многу ме радува позитивниот тренд на нови квалитетни книги за деца. Со твојата книга Арно ама отвораш ново поглавје во издавачката куќа Или Или, поточно ова е првата книга од едицијата книги за деца насловена како „И ете приказна“. Како дојде до идејата за оваа книга и до соработката со Или Или?
К. М.: Оваа идеја се развиваше подолго време. Кога моите деца беа помали секоја вечер пред спиење им раскажував приказна. Прво почнав со некои приказни на кои се сеќавам од детството, но набргу се исцрпеа сите познати приказни, па почнав самата да смислувам нови. На почетокот воопшто не размислував за книга, едноставно ги смислував и раскажував во моментите додека заспивавме. Но видов дека приказните им беа интересни, и тоа некои од нив особено им се допаднаа, па прашуваа зошто, како, што ќе се случи. Така, почнав да си запишувам во еден тефтер само по реченица-две за заплетот на приказните што им се допаднале. Тогаш веќе почнав да размислувам дека би било убаво да ги напишам како целосни раскази во една книга, па се роди и идејата да бидат со истите ликови во текот на еден временски период за да се создаде една целина што може да се чита и како роман. Иако знаев дека Или-Или немаше едиција за книги за деца, решив да разговарам со Ненад и Игор од Или-Или за оваа идеја, бидејќи и претходно имав одлична соработка со нив. Така се роди нивната иницијатива да започнат ваква едиција, што ми е особено драго. Насловот „И ете приказна“ дојде подоцна и е извлечен од последниот расказ во Арно ама.
Не е доволно само квалитетно да се пишува, потребно е напишаното да се спакува во целина и да се пласира пред читателите. Морам да го пофалам изгледот на книгата, замислата, графичката обработка и секако илустрацијата на Владимир Лукаш, кој во оваа книга се надминал себеси. Како се склопија сите коцки и како се пронајдовте со Лукаш?
К. М.: И јас ќе ја искористам оваа прилика да го пофалам изгледот на книгата, со графичката обработка и илустрациите, што не се моја заслуга, и да се согласам дека илустрациите на Лукаш се фантастични и, според досегашните реакции, децата многу ги сакаат. Пред да размислувам конкретно за изгледот на оваа книга, не ги знаев многу илустраторите кај нас, па тогаш почнав повеќе да истражувам и открив дека имаме одлични и впечатливи илустратори. Во тоа време, Оливера Ќорвезироска ми го спомна Лукаш, кој, за среќа, се нафати да ја илустрира книгата и извонредно ги направи и буквите „арно ама“ (арно-амите, како што ги нарековме) и сите други илустрации, како и корицата.
На почетокот на книгата пишува книга за деца, јас би додала книга за мали и големи деца, за оние што успеале да го зачуваат детето во себе. Успеваме ли да го зачуваме живо и здраво детето во нас?
К. М.: Супер ако се доживува така – и за мали и за големи деца, оние кои го зачувале детето во себе. Јас самата сè уште сакам да читам и приказни, па и книга за деца, а веројатно е така и со други луѓе. Претпоставувам дека тоа е еден од знаците дека го чуваме детето во нас, иако не сум сигурна дали сите тоа го прават.
Да се пишува за деца е голем предизвик, децата се искрени читатели и не може да им се подметне, или им се допаѓа или не. Колку писателот за деца треба да ја познава детската психилогија, детските погледи и проблеми, а колку да е ѝ самиот дете во себе?
К. М.: Сосема е точно дека не може да им се подметне. Тие веднаш реагираат ако нешто не им се допаѓа. Сум забележала, на пример, дека не прифаќаат приказни во кои некоја поука е преексплицитна и е претставена преку лик на дете кое секогаш е вредно, секогаш е несебично, секогаш е спремно да им помогне на другите. Тоа не е реално и децата го забележуваат тоа. Тие се идентификуваат со ликови кои се слични на нив, кои понекогаш се нервираат, се лутат, често се себични, што е и нормално за секое дете. А за една приказна да биде и книжевно квалитетна, а не само дидактичка, таа може посуптилно да ги пренесува пораките и идеите и да поттикнува на размислување, наместо само да дава готова инструкција како децата треба да се однесуваат. Но со оглед на тоа дека сите деца си имаат различни погледи и проблеми, а и различни интереси и искуства, исто како и возрасните, не може да се најде формула за тоа што би им се допаднало на сите. Важно е да се познава детската психологија и важно е писателот/писателката да се поврзе и со детето во себе затоа што, во спротивно, приказните може да звучат наметливо и неприродно. Но за поконкретните теми и пристапот во раскажувањето, многу зависи индивидуално од секое дете кои приказни ќе ги прифати и засака. Токму и викендов на фестивалот Литера имаше интересна трибина на оваа тема, а и во секој случај, драго ми е што последниве години имаме сè повеќе книги за деца со квалитетни приказни и илустрации.
Во книгата може да се сретнат реални настани од вашиот секојдневен живот каде глевни ликови се вашите синови, арно ама приказната не останува само во реалниот свет туку и преминува во светот на фантазијата, па можеме да сретнеме и џинови и вонземјани и мали ситни суштества и волшебна чешма од легенди и преданија. Те водеа ли сами приказните во двата света или однапред имаше план да не се задржиш само на реалноста?
К. М.: Немав однапред направен план да излезам од светот на реалноста и да навлезам во светот на фантазијата. Некако тоа си дојде спонтано со приказните. Се разбира, и во реалистичните приказни има многу фантазија, но во контекст на ова прашање, повеќе мислам на фантастични елементи, како џиновите, вонземјаните или малите суштества што ги спомна. Фантазијата ни е потребна за да веруваме дека можеме да направиме нешто што е речиси неостварливо, а на децата тоа им е веројатно уште понеопходно. Дополнително, од моето искуство со синовите но и со други дечиња, увидов колку им е важна фантазијата и колку им помага кога ситуациите со кои се соочуваат во реалниот живот ги трансформираат во фантастични предели, суштества и настани. На пример, во една ситуација додека си игравме, едниот син зеде една гумена играчка и замисли дека тоа е чудовиште, при што чудовиштето ги изговори зборовите што претходниот ден ги слушнавме надвор кога едни минувачи жестоко се расправаа, што очигледно му се видело страшно. Фантазијата многу им помага, особено кога нешто не знаат како директно да го кажат, а имаат потреба да го споделат. Затоа сметав дека е важно овој феномен да го доловам и во расказите. Таму ситуациите и суштествата од фантазијата имаат улога да ја направат приказната поинтересна, повозбудлива, помистериозна, но истовремено на симболичен начин се однесуваат на проблеми и предизвици од реалниот живот.

Во неколку од приказните се појавува ликот на Баже преку кој се зборува за вербално и физичко насилство помеѓу децата. Колку оваа тема станува секојдневие? И можеме ли да ги искористиме приказните за повеќе да се разговара на оваа тема и со тоа да се превенира од несакани настани?
К. М.: Кога моите деца беа помали, често шетавме во маало или во парк и среќававме деца кои вербално, а некогаш и физички, малтретираат други деца, а такви деца има и во училиштата, како што имаше и кога јас бев дете. Ликот на Баже претставува комбинација од неколку вакви слични личности, иако си има и свои индивидуални карактеристики, некои од нив и позитивни, бидејќи не сакав да претставува само некаков стереотип на насилник, туку да биде уверлив и реалистичен. Вербалното и физичкото насилство меѓу децата, за жал, е реалност. На што се должи и како може да се превенира се многу комплексни теми и зависат од голем број фактори. Но мислам дека и приказните може да претставуваат барем некаков поттик за разговор и за преиспитување, со тоа што ќе претстават повеќе перспективи, вкучувајќи ја и онаа на децата кои се жртви на вербално или физичко насилство.
Сите приказни си започнуваат мирно, арно ама нешто се случува и целата приказна се испревртува и го менува својот тек. Арно ама е секој свиок што се случува во приказната. Дали насловот беше однапред смислен или поттикнат од некоја случка и приказна, или спонтано си произлезе низ раскажувањето?
К. М.: Насловот не го смислив однапред. Всушност, имав неколку други работни наслови, а потоа, препрочитувајќи сфатив дека толку често сум го употребила „арно ама“, што дури и почнав да го бришам или да го менувам во „но“. Арно ама 🙂 потоа видов дека тоа е и суштествена карактеристика на расказите – баш онака како што ти ги опиша: почнуваат мирно арно ама нешто се случува и целата приказна се испревртува. И тогаш природно ми дојде дека тоа е најсоодветниот наслов за книгата.
Наскоро ќе се случи промоцијата на Арно ама. Може ли да ни кажеш кога и каде ќе одржи и каков ќе биде концептот на промоцијата?
К. М.: Промоцијата ќе се одржи во петок, 19 април, во 19:00 часот, во Театар „Сенки и облаци“, каде што за книгата ќе зборува Оливера Ќорвезироска, а Театар „Сенки и облаци“ со многу фантазија ќе ги оживее ликовите и настаните од еден од расказите во книгата.