За оваа прилика, во рубриката NOMADS уметник, ќе ви го претставиме Игор Манојловски и неговите креации во колажна техника, а во продолжение ќе проследите и цела галерија со краток избор од делата. Преку овие дела авторот се обидува понекогаш на духовит, но почесто на ироничен начин да си поигрува со познати или препознатливи визуелни елементи, ставајќи ги во некоја нова реалност, често во смисла на критички осверт на денешницата. Но тој на критиката гледа како на медијација помеѓу уметничкото дело и светот што не опкружува, а не како на сувопарна критика на општеството или на системот во кој живее, критика заради критика. Во делата преку случаен и ненамерен избор на симболи и значења (елементи на еротско, митско, мистично, фантастично, надреално…) се создава неочекувана реалност во што всушност и лежи магијата и убавината на колажната техника, понекогаш користејќи некои средства или логика што се користат во рекламата и адвертајзингот.

Сепак, и покрај тоа што овие дека може да се гледаат како аналитички и критички осврт на секојдневието, нивната првична идеја е да бидат смислен и креиран простор за игра. Преку изместување од претходниот (изворен) контекст на одредени слики и нивна комбинација со што се креаираат нови претстави (портрети, женски акт и имагинарни пејсажи), односно поставување на предмети што физички не припаѓаат во одредена визуелна претстава, авторот создава нова реалност, која би може да биде некој вид на нов современ надреализам, кој се заснова на фигурацијата.
Композицијата е во преден план, па иако се чини дека дигиталниот принт е помалку техничко -механички термин, сепак, за авторот тој нуди бескрајна креативност и слобода. Низ избраните дела што ќе може да се видат во поставката забележлив е авторовиот афинитет и интерес за фотографијата, сликарството, графичкиот дизјан (кој му е професионална определба), а особено за филмот, на кој му е опсесивно приврзан.