Неодамна во печат излезе првиот дебитански роман на Николина Андова Шопова, досега позната како поетеса, во издание на издавачката куќа Темплум. Нејзини песни се преведени на десетина светски јазици и застапена е во повеќе антологии на македонската поезија. Освен поезија, пишува и раскази, песни и сликовници за деца, а оваа во 2018 година излезе нејзиниот прв роман „Некој бил тука“. Токму по тој повод е и интервјуто кое ќе го прочитате во следните редови.

Интервју: Снежана Стојчевска
Ја имав таа чест да го прочитам твојот роман и во работната и во финалната верзија и впечатокот ми е дека тоа е интензивен, адреналиски набиен роман што не ти дава да го оставиш, а притоа неверојатно прецизен и стегнат. Дали долго ја обмислуваше приказната или таа те најде тебе?
Н. А.: Приказната ме прогонуваше одамна, но кога почнав да ја развивам, неочекувано се појавуваа нови ликови кои со себе носеа свои приказни што бараа да бидат раскажани (како што на едно место вели главниот лик – „кога пишуваш, никогаш не знаеш кој сè може да ти дојде“) Пишувањето, во мојот случај, е повеќе прашање на инстинкт, на интуитивен пристап кон нештата, отколку на некој презицен, плански, рационален процес. Секако дека ги имав идеите и некои од ликовите во глава, но понекогаш она што следуваше беше изненадување и за мене 🙂 Пишувањето за мене е како да си тргнал на пат во седлото на некое нескротливо животно, кое, вака или онака, ќе те однесе онаму каде што си се упатил, но по некои негови патишта, често диви и непредвидливи. И токму тоа го прави процесот на создавање уште повозбудлив. Бев под голем адреналински набој кога пишував, и мило ми е ако сум успеала таа возбуда да ја пренесам и кај читателот.
Во романот особено ме пленија сликите од детството толку живи и интензивни што мислам дека можев да ги почуствувам боите, мирисите, вкусовите и емоциите. Колку од нив беа слики врежани во тебе од твоето детство?
Н. А.: Сметам дека творештвото не може да се одвои од личноста, оттука сè што пишуваме е автобиографско и ништо не е потполно автобиографско. Она најличното, искусеното, доживеаното, во оваа книга се наоѓа некаде на невидливите фусноти на секоја страница. Останатото произлегува од моето тивко љубопитство и сочувство кон светот и другиот. Невозможно е да пишувате а да не бидете способни да впивате од другите животи. Оној што се занимава со уметност треба пред сè да биде емпатичен, на сопствената кожа да му лазат туѓите радости, страдања, искушенија… да биде отворен за во него да се прелеваат другите животи. Добрите писатели се како прецветани божури по дожд, натежнати од вода, вошки и приказни

Она што ми падна во очи е дека правиш филмски резови и даваш филмски решенија при разрешување на некои сцени и на самиот крај на книгата. Дали романот беше и е жив филм во твојата глава? И дали би сакала да се сними филм по овој роман? Би можел ли романот да се прилагоди во сценарио ако се земе предвид дека целото раскажување е внатрешен говор на главниот лик?
Н. А.: Овој роман само навидум изгледа лесно податлив за филмска адаптација. Филмот може да ја следи нарацијата, ликовите, случките, хронологијата, драмската структура, но се сомневам дека во целост ќе може да ја пренесе комплексноста на приказната. Се плашам дека оние слоеви, што за мене се најважни во неа, се тешко преводливи на jазикoт на филмот (освен ако не паднат во рацете на вистински мајстор на режисерскиот занает 🙂 Знаеме колку филмот е моќен медиум, и како може од една обична, просечна приказна да направи брилијантна екранизација на истата, но исто така може од одлична, возбудлива приказна да направи евтин кичерај. Секако дека би била среќна доколку оваа книга биде креативен поттик за некој филмаџија, но би била многу претпазлива кому би ја доверила.
Како автор многу малку се занимаваш со маркетинг и промовирaње на твоите дела. Дали сметаш дека е доволно авторот само да се посвети на сопствената работа и да пишува, дали квалитетот е доволен, а успехот ќе си дојде сам по себе?
Н. А.: Тоа што не се занимавам толку со себепромоција не е прашање на некој мој свесен избор или одлука, туку е нераскинлив дел од мојот карактер. Верувам дека моите книги, и поетските, и романот, ќе стигнат до оние читатели до кои треба да стигнат, како што верувам дека оние луѓе кои треба да влезат во нашиот живот нема да нè одминат. Често се случува да влезам во некоја книжарница, од илјадниците книги што стојат по полиците, сосем случајно да се фатам токму за онаа која обработува некоја тема што за мене во моментот е актуелна, нешто за кое размислувам токму тој период. Сигурна сум дека и книгите си го наоѓаат патот до оние за кои постојат, за кои се напишани, создадени. Дали се тоа десетици или стотици читатели, и не е толку важно. Поважна, за мене, е врската што се создава помеѓу нив.

Какви се реакциите по излегувањето на романот и какво е чувството да се ослободиш од приказната која долго живеела во тебе? Дали со издавањето се ослободуваме или засекогаш се врзуваме со приказните и песните што ги пишуваме?
Н. А.: Многу ми недостасуваше главниот лик откако ја напуштив приказната. Реакциите сега за сега се главно позитивни, што значи дека сум го оставила во добри раце 🙂 Разделбата со тие фиктивни, а истовремено толку реални луѓе ја доживеав прилично катарзично. Кога со некој кој толку долго бил дел од вашиот свет веќе немате што да си кажете, се разделувате, со сите придружни сентименталности. Така е и со книгите што ги пишуваме.
Како дојде до насловот и изборот корицата на книгата?
Н. А.: Обично ги имам насловите во глава уште пред книгите да бидат напишани, но со оваа книга тоа не беше случај. Морам и јавно да ѝ се заблагодарам на Фросина Стојковска, која ми ја даде идејата за насловот на книгата, која совршено ми се залепи за приказната. На корицата се наоѓа сликата (Маски, 1963) од Спасе Куновски кого особено го почитувам, и чест ми е што токму една од неговите слики претставува „влез“ во романот. Маските во романот се едни од главните симболи во приказната, па оттука се наоѓаат и на самата корица; од друга страна, во грчката трагедија маските имале магиска цел, да го изменат гласот, да изгледа како да доаѓа од некаде длабоко под земјата, да му дадат хтонски призвук, што повторно се врзува со раскажувањето на нараторот. Се сетив сега на онаа мисла на Валтер Бенјамин, дека уметничкото дело е само посмртна маска на идејата, па еве уште едно (автоиронично) толкување на корицата 🙂
Кога би можеле да ја очекуваме промоцијата и каде може да се набави книгата?
Н. А.: Промоцијата веројатно ќе биде во текот на зимата, а книгата може да се најде во книжарниците на Или – или, Антолог, Три, Култура и Бункер.
Прва поетска книга на Николина Андова Шопова „Влезот е од другата страна“ (2013) ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Книгата потоа е публикувана и на англиски јазик. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“, која е објавена и на српски јазик. Во 2016 година излегува тријазичен избор од нејзината поезија на англиски, македонски и француски, во издание на Éditions Bruno Doucey.