Зошто голото човечко тело е толку често во фокусот на уметноста? Какво влијание има врз публиката и колку е важен контекстот во кој се појавува? Има ли линија меѓу еротика и порнографија? Или пак разлика меѓу еротско и еросно? Каква е филмската уметност наспроти арт-порнографијата?

Низ историјата, голото тело често било прикажувано како симбол на низа контрадикторни идеи. Од една страна, кревкост и невиност. Од друга страна, заводливост и страст. Голото тело може да е геометриски совршено, но и прекршено и нејасно. Од викторијанската ера, до постмодернизмот, голото тело „поминало“ различни фази на прикажување и доживување. Од морализаторски флоскули до линија на порнографијата, едно е сигурно: „вкусната“ употреба на голотијата провоцира многу комплексни реакции кај публиката.
Заедно со менторите Влатко Галевски, Васко Маглешов и Ана Стојаноска, на отвореното предавање: Симболиката на голотијата ќе се разговара за симболиката на голотијата во светските и македонските дела од филмот и театарот. Предавањето во организација на Гледај.мк и МКЦ ќе се случи на 29 септември (сабота) 2018, во Младинскиот културен центар, со почеток од 13 часот.