За дваесет и првото издание, Скопски филмски фестивал се потруди да донесе исклучително богата програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и филмска ретроспектива на Алфред Хичкок. Годинава, Скопје филм фестивал ќе се отвори на 19 април во кино Милениум со премиерата на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски. Целата програма на 21. издание на Скопје филм фестивалот, од 19 до 26 април ќе се одржува во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и кино „Фросина“.

Филмовите се распоредени во седум програми: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на Европски филм, Ретроспектива на Хичкок, а од ова година и новата фестивалска програма Квир фокус.
До 26 април, публиката на Скопје филм фестивал, во Програмата на авторски филм, чиј селектор е Татјана Јаневска, ќе може да го погледне филмот „Вина“ на Густав Мулер, кој освои награди на фестивалите во Ротердам и Санденс. Новиот филм на Паоло Тавиани „Виножито, приватна афера“, како и филмот што освои 5 награди „Цезар“ на Алберт Дупонтел „Ќе се видиме таму“.
Во програмата Панорама на светски филм, ќе бидат прикажани норвешкиот „Телма“ во режија на Јоаким Трир, мароканска драма „Разиа“, како и аргентискиот „Самит“ на режисерот Сантијаго Митре.
Фестивалската публика годинава ќе може да ги погледне и најдобрите француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, чиј што селектор е Навид Сарем, а во рамките на програмата на Краток филм селекторите Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров ги избраа најинтересните краткометражни филмови.
Во програмата Европски филм, на ова фестивалско издание ќе бидат прикажани четири филмови, меѓу кои „Pure Hearts“, „Valley of shadows“ и бугарскиот филм „3/4“ на режисерот Илиан Митев, кој победи на фестивалот во Локарно.

Од оваа година, Скопје филм фестивал започнува со реализација на програмата „Квир фокус“ во која ќе бидат прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. И кога тие гласови се чуени, се дава можност да станат дел од култура која менува, култура на отпор која го обликува општеството во кое едни ќе учат за постоењето и прифаќањето на различностите, додека други ќе учат да го заборават досега наученото за да почнат да се сакаат себеси. Без некоја посебна тематска одредница, со неколку филма ќе се направи обид да се отворат теми како што се: репресираната хомосексуалност, себеугнетувањето и скриеноста, отуѓувањето на квир субјектите и нивните идентитети во дигиталниот простор, угнетувачкиот и исклучувачки карактер на хетеронормативните семејни вредности и религијата, па сѐ до приказ на еден провокативен антиестаблишментски радикален лезбејски феминизам. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.
Во рамки на програмата ќе се случи и промоција на интересна книга што се занимава со апсектите на себеугнетувањето на геј луѓето, а низ предавање и дискусија ќе се направиме осврт на квир киното и неговата историја, со излагањата на двајца предавачи и секако, низ дискусијата и мислењата на публиката.