Кон XII Биенале на млади уметници, Музеј на современа уметност, 28 февруари 2018

Пишува: Небојша Вилиќ
Не мора да брзате да го посетите и „видите“ 12 издание на Биеналето на младите уметници во Музејот на современата уметност. Не заради тоа што таму нема што да се види, туку заради тоа што во Музејот (на изложбата) не треба само да се гледа. Ќе треба да почекаме да поминат и презентациите на младите уметници и регионалната дискурзивна програма. А конечниот суд ќе можеме да го дадеме откако ќе излезе и каталогот во кој ќе биде публикуван целиот материјал дополнет и со текстовите на кураторите, онака како што е замислен според концепцијата на тројцата куратори на годинешново издание: Ивана Васева, Бојана Јанева Шемова и Владимир Јанчевски.
Ова ме потсети на една ситуација кога на Биеналето во Панчево (Србија), некаде на почетокот на 2000те. Добро се сеќавам дека тоа утро, пред да тргнам во обиколка на неколкуте локации на Биеналето, седнав во еден ресторан и нарачав рибја чорба. Тоа беше сè само не – чорба: чинија преполна месо (кое не морав да го „бркам“), а течноста густа од зачините и кромидот. Големите парчиња зготвен смуѓ совршено легнуваа со чашата ладен „Токајац“, а ресторанот полупразен. Уште тогаш знаев дека нема да има ништо од мојата обиколка. Потоа заминав на кафе во центарот на симпатичното австро-унгарско, по дизајн, гратче. Настапот на симпозиумот го започнав со изјавата: „Јас не ги погледнав делата изложени на Биеналето. Го добив каталогот и кога ќе се вратам во Скопје ќе го читам.“ На тоа скокна младата и амбициозна, во тој период ѕвезда на српското уметничко небо, Тања Остојиќ, која во тие години правеше кариера како „придружничка на Харалд Зееман“ (во уметничко-перформансна смисла), велејќи ми: „Како тоа не сте ги погледнале делата!? Вие морате да го видите моето дело, бидејќи моето дело е дело вон од системот!“. Накусо ѝ одговорив дека уметничко дело не постои и не може да постои вон од системот. Откако завршив, со поглед го пронајдов таксистот и веднаш заминавме кон Белград (и за малку што не го испутшив автобусот за Скопје). Ах, да: темата на Биеналето и на симпозиумот беше за уметничкиот систем и предизвиците од неговата промена.

Да, тоа беа годините кога престанав да одам на големите изложби низ Европа (или да се секирам што не сум отишол), но продолжив да ги купувам нивните каталози. Ионака немаше што да се види на нив сè дури не се прочита што, всушност, уметникот сакал да каже. Поточно, каталогот и текстовите во него беа сосема доволни, а изложбите беа, изгледа, сосема доволни со влезниците да се извадат дел од трошоците. Така заврши мојот „аџилак“, моето патување кон светите места на уметноста (Венеција, Касел, Минстер…) во потрагата по одговорите на прашањето: до каде е стигната светската уметност.
***
Како по некое непишано правило, во саботата вечерта, кога најинтензивно размислував за кризата во која е влезен мојот толкувачки систем, дома изгледавме еден филм. Еве го почетокот:
„Пишување на добро сценарио трае две години
Снимањето е два месеци.
Монтажата две недели.
Завршните финеси два дена.
Го гледате два саата.
И го заборавате за две минути.
Филмот ме гуши.
Сè гледам како голем филм.
Сè е повулгарен и помалку оригинален.
Тоа е како ‘болест‘.
‘Болeст на филмот!‘
Можеби е тоа заради овие
производи со лош квалитет
кои ги конзумирам од ден на ден.
Уште еден. Еве го…“
„Почна ли [проекцијата]?“
„Не, те чекавме тебе.
Се надевам дека ќе ти се допадне, фин е.“
(El critico, 2013)
***
Безмалку се откажав од пишување на текстов во кој сакав да ги споделам моите размисли околу Биеналето, бидејќи кој знае уште колку ќе треба да чекам до излегувањето на каталогот. Но, како што секогаш бива, ГоспоТ прво ја разболе малку Александра, толку колку за да ми додаде уште неколку домашни обврски и колку да ме смести утрово во кујна да ги измијам садовите. И така, додека ги миев шолјичките за кафе, наеднаш ми текна, како некое чудно појаснување дојдено од никаде, дека дури сега, дури ова утро разбрав за што всушност ми зборуваше Владимир Јанчевски вечерта на отворањето. Приготвив свежа „танзанија“ во моката, ја донесов во дневна, сипав во малата шолјичка, седнав на компјутер, го земав пред-каталогот од Биеналето и повнимателно (од завчера и вчера) почнав да го читам текстот со објаснувањето на кураторите – подвлекувајќи (сл. 1).

Сл. 1
Во мислите уште еднаш ми прозвучеа зборовите на Јанчевски: „Тука [на Биеналево] нема да го најдеш тоа што ти го бараш, Небојша, не се труди, го нема.“ Тоа значеше, дипломатски ми најави Јанчевски, дека мојот систем за проценка и за вреднување на уметноста не е веќе in, дека дошле некои нови млади и дека уметноста е сменета и дека не само од уметноста, тука пред сè од уметникот, денес треба да се бара и очекува нешто друго. „Немој да бараш од делата да говорат сами од себе, како што самиот велиш, треба да дојдеш и да ги слушнеш презентациите на самите уметници…“,[1] дообјаснуваше ко-кураторот на Биеналето.
Признавам дека за прв пат откако го запознав Јанчевски и откога водиме разговори за уметноста, а ги водиме и ги започнуваме веднаш штом се сретнеме (во која било прилика) и во кои скоро никогаш не се согласувам со неговите ставови (што ги прави разговорите исклучиво динамични, инспиративни и поттикнувачки за понатамошно промислување), таа вечер – замолчев. И не само што замолчев, туку, а тоа и ми е поентата, и го прифатив тој негов став. Остануваше само да си го дообразложам препрочитувајќи го „упатството за употреба“ испратено по електронската порака, како најава за отворањето, и преслушувајќи ги кусите видео-пораки објавени на Фејсбук-настанот.[2]
***
Нешто подоцна дента, и самиот не знаејќи зошто, се навратив на една Фејсбук-расправа во коментарите по повод еден настан на Калија Димитирова и моето учество во дискусијата, точно пред година дена (сл. 2).[3] И додека ги препрочитував коментарите за моето видување на темата (за коешто вечерта бев „замолчен“ од Сара Симоска, што друштвото околу Димитрова го пречека со овации),[4] сфатив дека ова е второ мое замолчување од страна на младите и нови генерации. Поточно, по втор пат се повлеков во интерес на промените коишто доаѓаат и ставот дека на младите треба да им се отсапи просторот којшто самите треба да го си го освојат, откако веќе сум ја понудил и својата поддршка и тоа што јас го знам и мислам.

Сл. 2
За разлика од грубото, нетрпеливо и нетолерантно замолчување од страна на Симоска таа вечер (со образложение дека, парафразирам, до кога професорите ќе го узурпираат нивниот простор, иако нагласив дека не сум дојден во тоа својство), во разговорот со Јанчевски самиот замолчев. Пред сè заради тоа што тој ја немаше арогантноста и милитантноста од првиот случај, но поважно од тоа беше што неговата аргументација за промената на односот кон уметноста и уметникот имаше солидна основа. Сосема е друго прашањето дали јас се сложувам со тоа или не, тоа е сосема неважно. Но, тоа ме обезволји да направам фото-документација од изложбата, а тоа подразбираше дека ќе треба повторно да дојдам во Музејот…
***
Но, сакав да бидам позитивен таа вечер во Музејот на современата уметност („на Македонија“, како што претходната власт ја беше преименувала оваа институција, ни самиот неразбирајќи зошто, но знаејќи дека сè во Македонија мора да биде македонско), па во текот на разговорот со Денис Сарагиновски и Ѓорѓе Јовановиќ, ми текна еден нов термин за тековната уметничка продукција, односно и поточно, за тековното уметничко обликување: USB Art и USBism и со задоволство им го соопштив. Кратенката од Universal Serial Bus сосема соодветно одговараше на ваквото сè почесто приклонување на уметниците кон обликувањата на своите дела: не само што може да стане определница на едно уметничко обликување (а можеби и техника) – USB Art, туку може да се дефинира и сосема нов правец – USBism! Остатокот од вечерта го поминав, особено во вториот „круг“ на обиколката на поставката, токму броејќи ги делата кои влегуваат во оваа определба. И што избројав: 10 од 23 уметника користат дигитален печат (во една или во друга форма; во еден или во друг обем). И веднаш ги замислив како со USB-то итаат до разно-разните фотокопирници со целата неизвесност дали отпечатокот којшто ќе го добијат ќе биде тоа што го гледале на мониторот…

„УСБиенале“ [USBiennial] беше логичната последица од првиот впечаток и своевиден заклучок за Биеналето. И сосема извесно: ова е изложба со најголем број на „уесбиња“ [УСБ-дела] до сега организирана во Македонија! Дури ни на изложбите на Иницијативата „Кооперација“ (како најслободна и најантиинституционална форма на делување) немаше толку такви дела! И веднаш се запрашав, одејќи пеш прудолу улицата „Самоилова“ кон „Илинденска“, слушајќи на вокменот некоја амбиентална, тивка и контемплативна музика: дали е изборов до ставовите и системот на уметноста на кураторите или до понудата и разбирањето на уметноста од страна на уметниците?
***
На одговорот на ова прашање ќе морам да почекам малку. Како што ме упати и Јанчевски, прво ќе треба да ги посетам презентациите (по нашки – претставувањата на уметниците. Според него како што јас разбрав, општествената функција на уметноста мора да се согледува дополнително и можеби најважно, од позициите на тоа како уметникот си ја разбира својата уметност. Тоа значи дека уметникот треба усно да ми објасни што сакал да каже и што кажал со своето дело.
Ова ме наврати децении наназад кога како помлад асистент на Институтот за историја на уметноста со археологија професорот Борис Петковски ме советуваше да одам по ателјеа и да слушам или разговарам со уметниците што сакале да кажат и што кажале со своето дело. Тогаш тоа можеби и сè уште беше можно, бидејќи во ателјеата сè уште имаше дела (во материјална, постварена смисла). Иако добронамерен, сепак, не можев да го прифатам тој совет, едноставно заради тоа што се прашував: што ако уметникот не го познавам, ако е починат, ако е странец, ако не е достапен за разговор?; дали тогаш делото ќе биде поинаку протолкувано, погрешно, неточно? Тоа сериозно го отвори најпрофесионалното прашање во мојата кариера: како да се пристапи кон читањето и толкувањето на едно дело?, едно од најсуштинските прашања на мојот занает.
Многу скоро после тие разговори во ателјеата немаше веќе дела, туку имаше само некои скици, планови, замисли, предлози на уметниците, ситуација која, ете, пред точно 20 години, во форма на дилема ја насловив: „Наметнат избор: Ателје или Artist’s Book“, како дел од еден мој подолг текст. (Vilić, 1997: 39) Еве што и како сум размислувал и пишувал тогаш (сл. 3):

Сл. 3
Главната поента во цитатов е дека во тој период (доцните 1990ти) поставката зависеше од имагинацијата на кураторот и, тоа што сега ми е поента, уметниците немаа потреба да ми/ни ги објаснуваат делата во т.н. gallery talk, односно, отпосле, откако ќе бидат изложени. Тогаш, каде ја снема саморазбирливоста, самоговорот на уметничкото дело? Немојте само да ми кажете: во концептуализацијата!
***
Откако ќе ги исслушам сите презентации (под услов да можам да присуствувам на сите), тогаш ќе морам да ги отслушам и гостите-колеги на Биеналето од регионот за да ми го (до)објаснат и (по)широкиот контекст, „како регионална дискурзивна програма“, во кој живее, опстојува и твори македонскиот уметник. Тоа е третиот дел од Биеналето. Во ред. Од трите најавени дена, заради работни обврски, ќе можам да присуствувам на два. Тоа значи дека нема да имам прилика да ги слушнам ниту презентациите ниту регионалниот дискурзивен контекст на една третина од уметниците.

Дали тоа значи дека една третина од делата на ова Биенале за мене засекогаш ќе останат – неразбрани, несфатени, непротолкувани, непроценети, невреднувани…?, се прашувам, сркнувајќи од исклучително киселкастата „танзанијата“. Според ваквиот кураторски концепт и замисла – да!
[N.B. Бидејќи јас професионално ќе морам да присуствувам на овие настани, на вториот и на третиот дел, се прашувам: што е со обичниот посетител на Биеналето?; дали тој ќе најде време да дојде?; дали ќе пројави интерес? и, конечно, што ако воопшто не дојде, што ако воопшто не го прочита каталогот!?]
***
Би сакал да допишам уште неколку забелешки, на кои, сега веќе знам, ќе морам да почекам крајот на Биеналето да ми даде образложение. Но, кој ќе чека до 20 март…
Читајќи го и подвлекувајќи го текстот на кураторите во пред-каталогот забележав една стара болка на кураторството како амбициозна пракса: 1. преголемиот број на прашања на кои се чека одговор (од за мене нејасно – кого?); 2. насловот и 3. изборот на уметници.
1. За преголемиот број на сериозни прашања. Кураторите сосема точно ги лоцираат и темите и проблемите на македонската уметничка сцена и особено состојбата во која твори македонскиот уметник. Но, со поставувањето на безмалку сите прашања од важност и за уметникот и за неговата стварност, се создава толку широк фронт на можности и варијабли, што Биеналето-како-изложба (без вториот и третиот дел) е бесмислено да се следи токму заради неможноста да се препознаат сите тие сложени прашања. Поточно секое дело влегува во „концептот“ барем по едно прашање, односно, ќе се најде барем едно прашање во кое, не некое, туку секое дело ќе се најде. А тоа го обесмислува, од друга страна, изборот на токму овие учесници. (За феноменот дел од учесниците да се појавуваат со исти дела излагани во различни контексти и теми, по системот „one size fits all“, во некоја друга прилика.)
2. За насловот. Признавам дека насловот е многу фенси. И ми се допаѓа: Ќе биде ли доцна, ако времето запре? (иако се воздржувам да не бидам циник и да не прашам: А ако не запре, ќе биде ли доцна?) Особено што „касниме со нова мисла“, (Васева, 2018) (која особено кураторите спорадично ја практикуваат и им ја промовираат на младите уметници) без која младите уметници сепак градат „лична стратегија за професионалното изградување“ преку „голем[иот] поттик да се себеоткријат и себепреиспитаат во една ваква институција [Музејот на современата уметност]“ (Јанева Шемова, 2018) и уште повеќе што има потреба од „расчистување на конфузијата која во голема мера е терминолошка“, (Јанчевски, 2018) а која ние самите, критичарите, ја направивме или не ја дообјасниве до крај. Прилично голем предизвик, но – поддршка на напорите, искрено.
3. За изборот на уметници. Не знам како се бирани уметниците. Претпоставувам дека дел се на објавен конкурс (како што беше порано), но, сепак мислам дека се одело на повик. Институтот „на повик“ подразбира обемно и детаљно познавање на сцената. И тука доаѓам до еден проблем: тројцата куратори не е баш дека ги гледам на повеќето отворања на изложби (освен спорадично и тоа не некои поголеми и позначајни), особено не на изложбите на многу младите и младите; нешто не е дека пишуваат критики за таа сцена; а секако дека не пишуваат ни книги за уметноста. А особено ми е интересно кога велат дека:
„Една од целите е да покаже дека на маргините на институциите постои раздвиженост кога станува збор за сцената која ја креираат младите и во поглед на продукцијата и во однос на формите на самоорганизираност.“
Ако нешто од самоорганизираност пости во периодов на сцената, тогаш тоа секако е настанот: Под земја полесно се дише.[5] На тие пет пат по ред едновечерни случувања не би можел да кажам дека сум ги видел кураторите (освен можеби Јанчевски една година, но ни за тоа не сум сигурен, и Јанева Шемова лани; однапред им се извинувам на тројцата ако грешам). Поточно, читајќи го нивното образложение, а според мене и врз основа на сè што тие со ова Биенале сакале да преиспитаат (или кога јас би бил куратор со овие прашања), тогаш можеле сосема комотно и едноставно за 12 Биенале на младите уметници („на Македонија“, како што би додала минатата власт) да го прогласат ланскиот настан Под земја полесно се дише и тоа токму таму, под „Плочникот“, меѓу гаражите, на минусните температури, без светло, во пакет со прашината, проследени со навистина алтернативната музика и бендови, и – толку.
***
Инаку, да си беше ова „нормално“ Биенале и да можев да кажам кое дело би го наградил со Главната награда (самостојна изложба следната година во Музејот), тоа без двоумење би било делото Тираницид – Визуелна реконтекстуализација на мермерната римска верзија на скулптурата Хармодие и Аристогитон на Илија Прокопиев (сл. 4), токму заради соодветната тема на времето во кое живее; заради успешното парафразирање, односно, метафоризација; заради соодветната контекстуализација (со која се случува и реконтекстуализацијата) на стварноста; заради фрагментираната и нетипичната поставка на сегментите; заради јасноста на идејата и намерата и, оттука, заради јасноста во читањето и заради тоа што е едноставно – цртеж.

Сл. 4
Но, овој пат ќе го послушам советот на Јанчевски: ќе го одложам конечното мислење за Биеналето и за Големата награда (после отворањето) и ќе ги проследам двете третини од следните два настани со презентациите на уметниците и излагањата на регионалните колеги (за што однапред им се извинувам на оние уметници кои ќе бидат на програмата на 20 март и чии дела за мене трајно ќе бидат неразбрани) и конечното излегување на каталогот, кои ќе го заокружат одговорот на прашањето: како да ги читам, анализирам, протолкувам и вреднувам делата на годинешново Биенале, бидејќи, нели, ова Биенале (за разлика од сите претходни) ќе треба: да се види, да се слушне и да се прочита. Затоа што, точно, „никогаш не е предоцна“:
„за реструктуирање и дефрагментирање, и дека во догледна иднина активните чинители на уметничката сцена, и во рамки на својата работа, и во обидите за остварување на меѓусебна соработка, но и во релациите со институционалната мрежа која е неопходен услов за развој и квалитетна размена, ќе можат да се почувствуваат како дома и на време.“[6]
__________
[1] Изјавата на Јанчевски е парафразирана во смислата во којашто или како што јас ја разбрав. Наводниците се задржани заради стилската разговорна форма.
[2] https://www.facebook.com/pg/Биенале-на-млади-уметници-Biennial-of-Young-Artists-921795667986411/posts/?ref=page_internal
[3] https://www.facebook.com/events/1881566912119279/
[4] https://www.facebook.com/kalia.dimitrova/posts/10211905958620818?comment_id=10215082896802287¬if_id=1520109743858428¬if_t=feed_comment_reply&ref=notif
[5] https://www.facebook.com/events/796645010537967/
[6] Извадок од текстот од пред-каталогот на Биеналето.
Референци:
- Васева, Ивана (2018) Видео интервју. [https://drive.google.com/file/d/1MOIMqw282jtg1noxNZAZPZ8Y14omNu5e/view; пристапено на 3 март 2018]
- Vilić, Nebojša (1997) Dossier 1994-97. Skopje: Horizons Unlimited Ltd.
- El critico, (2013), игран филм; Аргентина; режија: Хернан Гвершуни [Hernan Guerschuny]
- Јанева Шемова, Бојана (2018) Видео изјава. [https://www.facebook.com/921795667986411/videos/930213690477942/; пристапено на 3 март 2018]
- Јанчевски, Владимир (2018) Видео изјава. [https://www.facebook.com/921795667986411/videos/930645633768081/; пристапено на 3 март 2018]
Фото илустрации во текст: Небојша Вилиќ
Фотографии: Наташа Гелева