„PRE/FABRIC“ е насловот на изложбата која ќе биде отворена на 13ти март 2018, во 19 часот во Музејот на современа уметност. Ова е проект кој трага по приказните на куќите во ова малку истражувано поглавје од историјата на главниот град на Македонија, а се однесува на разорниот земјотрес кој уништи голем дел од градот Скопје во екот на Студената војна; проект креиран од Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек.
Проектот ја разгледува историјата на градбите на шест куќи и искуството на домаќините од животот во нив. Преку начинот на кој ги користеле објектите низ годините и оптимално ја приспособиле нивната структура заради задоволување на личните потреби, жителите на реконструираниот град се тие кои ја преиспитуваат оптимистичната верба на модернизмот во индустриското производство и можностите за префабрикување. Документирањето и анализата на домашниот пејзаж, кој се развивал преку интервенирање, приспособување и проширување, овозможува конкретно разгледување на овие сомнежи и нивна тематизација.

Разорниот земјотрес има поттикнато бран од меѓународна солидарност кој доведува до појава на заеднички хуманитарен проект кој обединува светови со крајно спротивни идеологии. Пристигнатата итна помош од Истокот и Западот, како и понатамошната реконструкција на градот, се при тоа насочени кон создавање на општествен утописки модел на место засновано на активна солидарност, т.н. „отворен град“. Проектирањето на 17 нови населби на краевите од уништениот град започнато е да се одвива истовремено со уривањето и расчистувањето на урнатините.
Архитектурниот увоз на монтажните куќи, кои денес во Скопје сѐ уште се нарекуваат „бараките“, трајно го има обликувано ликот на градот. Иако се во употреба повеќе од 50 години и претрпеле повеќекратни проширувања и трансформации, основната структура на населбите и елементите на архитектурата од Финска, Мексико или САД се забележливи и ден-денес. Растечките монтажни куќи на Скопје се тие што денес ја создадоа густата текстура на градот.