Впечатлива и силна. Жената која со Cum Laude ги завршува своите магистерски студии, виолинистка која специјализирала на Универзитетот за музички и извдувачки уметности во Виена е жената која гордо ја претставува нашата земја во Австрија. Фросина Богданоска е велешанка која свири виолина од својата тригодишна возраст. Сестрана и посветена личност и наша долгогодишна пријателка. Се немавме видено долго со неа, па разговаравме кратко за вам да ви ја пренесеме нејзината успешна приказна.

Интервјуира: Ивана Дукоска
Од пред неколку години работиш во оркестарот на австриското радио во Виена. Дали се пронајде себеси во тоа опкружување. Сметаш ли дека во нашата земја нема услови за раст за уметниците како тебе. Дали имаше можеби чувство дека имаш да дадеш премногу, а тоа не беше соодветно вреднувано?
Ф. Б.: Ми претставува огромна чест и задоволство да ја претставувам Македонија како виолинист и жена во еден таков престижен оркестар каков што е РСО ОРФ, Виена е Мека за музичарите, на почеток е тешко, но доколку навистина имаш вредност – нема да бидеш заобиколен. Кариерата за еден професионален музичар никогаш не била лесен пат, но мојот спартански карактер сака предизвици (се смее).
И во тој контекст дали мислиш дека токму излегувањето надвор од нашата земја беше вистинска пресвртница за издигнување на твојата кариера?
Ф. Б.: Со жалење морам да констатирам дека тоа што ја напуштив Македонија беше вистинскиот пат за мене, имам прилика да соработувам со познати имиња и од нив да учам многу, а се разбира секој ден учам и во самиот оркестар чиј програм е навистина разноврсен и ми претставува голем предизвик секоја недела.
Каков е твојот распоред? По колку концерти имаш во годината?
Ф. Б.: Оваа сезона имаме 75 концерти, се работи напорно секој ден, па и преку викенд, работното време е 7 часа што за оркестар е многу. Најголемиот дел од денот го поминувам на проби, а потоа останувам да го научам програмот за веќе следниот проект и се разбира работам и други програми за мое лично задоволство.
Што е тоа што те инспирира?
Ф. Б.: Инспирација црпам од многу места, од моето семејство, од моите пријатели, од историјата на делата што ги работам, од салите каде што настапувам.

Она што го знам за твојата изведба е дека ти не се концентрираш само на убавината во техничката изведба, туку твоето чувство за структурата е тоа што прави човек да почувствува неверојатно душевно искуство. Ако ти кажат дека звучиш на Дејвид Ојстрах што би одговорила на тоа?
Ф. Б.: Техничкиот дел мора да се научи уште на самиот старт, тоа е неоткинлива состојка на познавањето на еден музички инструмент. Музикалноста е повеќе дар и талент, за моја среќа јас повеќе се занимавам со интерпретацијата од механиката. Ако ми кажат дека звучам како Ојстрах ќе се насмеам само и кратко ќе одговорам – само кога тоа би било вистина, Ојстрах беше и остана единствен…
Сега си веќе ветеран со речиси 25 години меѓународни настапи, тоа е сериозна музичка созреаност. Што би рекла дека е најголема разлика во начинот на твојата изведба сега и во минатото?
Ф. Б.: Зрелоста која што доаѓа со годините и искуството. Ако до пред 10 години се занимавав со тоа дали ќе згрешам некаде, сега се занимавам со генералната интерпретација и знам дека тоа се моите 5 минути, па се трудам да го уживам секој момент од нив.
Дали мислиш дека ако заминеше во Америка наместо во Европа, ќе станеше поразличен виолинист од тоа што си сега?
Ф. Б.: Не можам точно да одговорам на ова прашање. Но, можам со сигурност да кажам дека Виена беше правиот избор.
Како се гледаш во иднина, што е тоа што сакаш да стане дел од твојата изведба и дали можеби ќе се случи некои твое издание?
Ф. Б.: Секогаш сум во потрага по следната еволуција во музиката. Во моментов соработувам со познатиот џез бас гитарист Хуан Себастиан Гарсиа – Ерерос попознат како Snow Owl кој што прави комбинација од оркестарски интрументи со светски елементи и модерен џез. Нашата последна снимка на неговиот последен албум The blue road освои 3 златни медали на Global Music Awards и во проектот беа вклучени музичари од 16 нации. Секако имам планови за концерти во Македонија веќе следнава година и се радувам да ги донесам овие искуства на домашна сцена.

Потекнуваш од музичко семејство. Раскажи ми нешто повеќе за изработката на виолини во твоето семејство. Многумина верувам не знаат дека виолините изработени од Богданоски завршуваат во рацете на музичари од целиот свет.
Ф. Б.: Една од најтешките работи е да успееш да најдеш одличен инструмент кој нема да чини многу пари, јас го имам тој благослов татко ми да е градител на извонредни инструменти кои добиваат награди во целиот свет и за кои се заинтересирани многу музичари, на наши инструменти свират виолинисти од Шпанија, Франција, Шведска, Австрија, Балканот, Казахстан, Италија, Кина, Америка…
Чија изработка е виолината на која што свириш во оркестарот на австриското радио?
Ф. Б.: Се разбира на татко ми, и никогаш нема да го сменам брендот (се смее).
Дали ја следиш македонската сцена во делот на твојата специјалност, има ли млади деца во кои има порив и кои се идни надежни светски познати музичари?
Ф. Б.: Во последниве години не толку, сепак не сум повеќе во тоа опкружување, но тврдам дека има млади деца кои се талентирани и можат да постигнат многу, Македонија е тло од кое потекнуваат многу успешни луѓе во секоја сфера, не само во културата.
Кога ќе се видиме во Македонија? Ми недостигаат дружбите од деновите кога се уште работеше во МОБ.
Ф. Б.: Треба да се собереме кога ќе дојдам, а тоа ќе биде веќе следната година со проектите кои ми се во план, па ќе одиме на вистински лаф муабет.
Пријатна за разговор и секогаш отворена. Таква беше и оваа средба.