Марија Сотировска-Богдановска во своите креации се истакува преку својата монументалност. Таа работи големи формати, без разлика дали се тоа инсталации, слики или цртежи. Безбројните групни учества и осумте самостојни изложби, ја прават еден од повозбудливите уметници на нашите простори. Нејзината креативност, покрај во сопствените дела, ја преточува и во делата на женската уметничка група „МОМИ“, како нејзина членка.
Сотировска-Богдановска во своите дела се занимава со социјална, политичка и родова проблематика, но на еден интимен и нежен, би рекле женски начин. Во креациите употребува објекти за секојдневна употреба, но помалку подзаборавени, анахрони, како разни ваљаци, ѓерѓефи, сита, шаблони. Преку нивна модификација и доестетизирање таа отворено го изразува несогласувањето кон социјалниот притисок, дисторзираните политички манифестации, первертираните вредности, конфликтот помеѓу нејзината личност и општествените конвенции, кодификации, рамки. Токму оттука и името на изложбата Компресија или притисок – од каде е земено делото за нашето овонеделно претставување на нејзиниот опус.

Круг, графит на хартија, 140 х 140, 2016 (од изложбата Компресија)